Citroen го претстави вториот од трите планирани малечки автомобили што се наменети за пазарите во развој. New C3 Aircross ќе биде достапен и во изведба со седум седишта.
„New“ е дел од ознаката на моделот и треба да укаже на разликата со европскиот C3 Aircross. „Новиот“ ќе се продава во Индија и Јужна Америка, почнувајќи кон завршетокот на годинава, за в година да следи уште еден нов голем пазар, Индонезија.
Марката на концернот Stellantis има за цел до 2025 година да го зголеми уделот што пазарите надвор од Европа го имаат во вкупната продажба на 30 проценти. Тоа е двојно повеќе во споредба со 2021 година, кога 15 проценти од продажбата на Citroen доаѓаа од прекуокеанските пазари.
Французите во 2019 година ја започнаа програмата C-Cubed, во којашто се развиваат модели што посебно се наменети за светскиот пазар.
New C3 Aircross ќе се произведува во Порто Реал, Бразил, како и во Тирувалараи, Индија, каде што Stellantis има заедничка компанија со компанијата CK Birla.
„Нашата стратегија е да влеземе и да бележиме раст во клучните региони и пазари со висок потенцијал и со брз раст, со разновидна понуда за клиентите, којашто е достапна, скроена според локалните услови и произведена е локално“, изјави новиот извршен директор Тиери Коскас.
New C3 Aircross ќе му овозможи на Citroen „да освои нов круг купувачи, кои бараат привлечен и просторен семеен Б-СУВ што ја оправдува цената, со цврст, мускулест дизајн,“ додава директорот. Коскас го презеде раководењето со француската марка на 1-ви март, од претходникот Винсент Кобе.
Постојат големи разлики меѓу New C3 Aircross и моделот што се продава на европскиот пазар од 2017 година, без додатокот New.
Европскиот модел C3 Aircross е развиен заеднички меѓу GM и групацијата PSA. Моделот што се произведува во Индија користи верзија од платформата CMP, во чиешто приспособување за тамошниот пазар помагаше Tata Consulting. Двата модели поседуваат сличен стил, со широк заден столб. Европскиот Aircross сепак е 160 милиметри покус.
Низата ја започна градскиот автомобил New C3, што беше пуштен во продажба лани. Годинава во февруари следеше и изведбата што користи целосно електричен погон. Stellantis засега нема наведено дека некој од тие модели ќе донесе на европскиот пазар.
Citroen New C3 Aircross е долг 4,32 метри. Тоа прави моделот да спаѓа во повисоката даночна категорија, за разлика од моделите што се долги до 4 метри.
Растојанието од подлогата на New C3 Aircross изнесува 200 милиметри. Заедно со заштитни облоги и со големи агли на пристап и излез, тоа е своевидна гаранција дека возилото нема да загребе по подлогата, при возење по земјен пат. Амортизацијата исто така е приспособена за возење по лоши патишта.
Citroen не открива технички поединости за New C3 Aircross, меѓутоа е познато дека во компактниот СУВ ќе работи 1,2-литарски бензинец на Stellantis, што е произведен локално во Индија.
Од комфорните и функционалните ставки, возилото располага со можност да се доплати за средишен дисплеј од 10 инчи, како и пет приклучоци УСБ.
За пазарот во Јужна Америка, Citroen очекува четирикратно зголемување на својот пазарен удел до 2024 година, во споредба со 2021 година. New C3 Aircross на јужноамериканскиот пазар ќе се соочи со силна конкуренција. Во Бразил постојат 16 модели во сегментот, а во Аргентина 17 модели. Тоа се двата најголеми пазари во регионот. New C3 ќе биде единствен модел што ќе се нуди со седум седишта.
Продажбата на возила на индискиот пазар се очекува годинава да порасне за уште 6 проценти и да достигне вкупно 4,64 милиони возила, што ќе биде нов рекорд.
Лидер на индискиот пазар традиционално е Maruti Suzuki, со месечна продажба од околу 100.000 возила, двојно повеќе од втората најпродавана марка во земјата.
Од европските марки, највисоко е рангиран Renault, на деветтото место со 6.600 возила.
















