Robert Bosch планира да преземе производител на микрочипови од Калифорнија и да вложи 1,5 милијарда долари во компанијата, со цел да се покрие растечката побарувачка за чипови со силициум карбид за електрични возила. Тоа во средата го објави најголемиот добавувач на делови за автомобилската индустрија.
Тоа ќе биде првата фабрика за микрочипови на Bosch во САД. Овој потег се должи на планот на администрацијата на Бајден, којашто има за цел да привлече повеќе производители на микрочипови во земјата.
Добавувачот планира да ја преземе фирмата TSI Semiconductors од Роузвил, Калифорнија, во близина на Сакраменто. TSI вработува околу 250 лица, главно во производство на чипови од 200-милиметарски силиконски вафери, за користење во автомобилската индустрија, во комуникацијата, енергетиката и во научно-истражувачките кругови.
Во соопштението од Bosch се наведува дека компанијата планира да вложи повеќе од 1,5 милијарда долари во леарницата на TSI во Роузвил, за објектот стар 39 години да го унапреди во модерен производител на микрочипови со силициум карбид, за користење во електрични автомобили. Новата фабрика би почнала да работи во 2026 година.
Германскиот добавувач не ја открива вредноста на зделката. Еднствено се наведува дека обемот на инвестицијата „во голема мера зависи од сумата што ќе се обезбеди од државните фондови, преку Актот за чипови и наука, како и од поддршката за економски развој во државата Калифорнија.“
Побарувачката за микрочипови за автомобилската индустрија бележи голем раст. Недостигот од микрочипови на глобално ниво ја ограничува продукцијата на автомобили уште од 2021 година.
Bosch CEO Stefan Hartung discusses the company's acquisition of US chipmaker TSI Semiconductors and plans to invest more than $1.5 billion, expanding the German company’s global bet on chips👇 https://t.co/lCF31gVj1z pic.twitter.com/ZdbkhbcjxF
— Bloomberg TV (@BloombergTV) April 26, 2023
Bosch располага со фабрики за микрочипови во Ројтлинген и Дрезден, во Германија, каде што се произведуваат чипови за автомобили и за потрошувачка електроника.
Компанијата очекува раст на пазарот за автомобилски микрочипови во следните години. Најголем раст се очекува кај чиповите со силициум карбид, коишто се поефикасни од вообичаените силициумски микрочипови.
Според Bosch силициум-карбидните чипови можат да го зголемат досегот на електричните автомобили и до 6 проценти, во споредба со стандарден чип.
Се проценува дека пазарот за овие чипови ќе расте за околу 30 проценти на годишно ниво. Bosch планира од фабриката во САД да им испорачува чипови на производителите на електрични возила во регионот.
Во последниве неколку години, Bosch вложи многу во микрочиповите. Во минатото лето, од компанијата соопштија дека во погони за микрочипови во Европа ќе се вложат повеќе од 3 милијарди долари. Од 2010 година, Bosch има вложено близу 2,7 милијарди долари во своите фабрики за микрочипови во Германија. Тоа е една од најголемите инвестиции во историјата на Bosch.
Бизнисот на гигантскиот добавувач во САД претрпе удар, кога Rivian Automotive, поради недостигот од микрочипови на светскиот пазар, мораше да почне самостојно да произведува електромотори за својот пикап R1T и за кросоверот R1S. Rivian претходно добиваше електромотори од Bosch, но недостигот од микрочипови што се користат во електромоторите, го оневозможи нивното производство.
Bosch во 2021 година им продаде на автомобилските фабрики делови во вкупна вредност од 49,14 милијарди долари.
















