Mercedes-Benz E-Class, од генерацијата W214, за којашто не случајно се погоди во својата ознака да ги содржи истите бројки како легендата W124, според очекувањата на сцената, требаше „само“ да изгледа слично со C-Class, со по некој детал од S-Class. Но, на оваа марка ѕвездата никогаш не престанала да ѝ сјае, затоа што секогаш прави нешто повеќе од очекувањата.
Добредојде за Mercedes-Benz E-Class. За останатото ќе се расправа понатаму, сега е најважно тоа што од изгледот на W214 ќе им олесни на душа на фановите на марката и на моделот. Бизнис лимузината од Штутгарт изгледа свежо, побудува љупобитност да се разгледува во детали, секако дека изгледа и луксузно, точно како E-Class.
Можеби генеацискиот скок не се покажува во изгледот во толкава мера, како при смената на W123 со W124 во средината на 1980-те години. Меѓутоа, сосем извесно е дека промената што ја донесува новата E-Class е поголема и поуспешна отколку што многумина се надеваа.
Материјалот на 59 страници што Штутгарт го има подготвено за медиумите, почнува со „Мост меѓу традицијата и дигитализацијата: новата E-Class“. Слично како C-Class и S-Class, па и GLC, силуетата оддава уште поголема динамика, благодарение на кусиот превис на каросеријата пред предните тркала, на долгата хауба и кабината што е поместена наназад.
Димензиите се класични – 4.949 / 1.880 / 1.468 милиметри, меѓуоскиното растојание е подолго за два сантиметри во споредба со претходничката (сега 2.961 mm). Багажникот нуди зафатнина од 540 литри.
Тоа што прво се забележува кај еден Mercedes, секако е маската. Кај W 214, тука се забележува голема сличност со блек-панелот што е својствен за електричните лимузини од подмарката EQ. Според производителот, тоа е мост меѓу традицијата и модерното. Остануваат двете варијанти на тридимензионалната маска, прогресивна или класична. Опција е осветлена рамка околу маската. Тоа ќе биде посебен момент, кога E-Class ќе се забележи на пат.
Внатрешноста на новата E-Class беше детално прикажана уште пред премиерата. Со доплата за дисплеј пред совозачот, се добива кокпит по чијашто ширина целосно се протега стаклен MBUX-суперскрин. Иконите на дисплеите се поедноставени и со боите потсеќаат на икони кај мобилен телефон.
Mercedes-Benz E-Class AMG Line Design
Напредниот софтвер што го користи новата E-Class менува многу нешта во конструкцијата на автомобилот. Тоа што досега го вршеа безброј процесори и посебни контролни единици, сега е работа на само една и единствена компјутерска единица. Многу моќен компјутер. Со овој пристап воедно се подобруваат перформансите и брзината на протокот на податоци.
Лимузината располага со дигитален клуч, којшто може да се користи со iPhone и со Apple Watch. Со клучот може по дигитален пат да се овластат членови од семејсвото или пријатели, да го користат автомобилот. Може да се дозволи само отклучување на возилото или и возење. До 16 лица можат да го користат дигиталниот клуч.
Mercedes-Benz E-Class Exclusive Design
Уште една новина е „лајт-шоуто“ во кабината. Амбиенталното осветлување, што е дел од дополнителната опрема, може да се комбинира со визуелизација на звукот. Тоа значи дека светилките во кокпитот може да го следат ритамот на музиката, односно да иведат меко преоѓање кога се слушаат хармонични тонови.
Бројни популарни апликации од телефоните сега може да се вчитаат во E-Class. За пример, тоа се TikTok, Angry Birds, Webex, па дури и Zoom или пребарувачот Vivaldi. Уште одамна се знае и за камерата што е наменета за селфи и за снимање видеа, како дел од опцијата MBUX Superscreen.
За патниците што чувствуваат мачнина при возење, во најновиот Mercedes им стои на располагање програма против мачнина, како дел од прочуениот систем Energizing Comfort. Во план е за скоро време да се понуди и функција на био-фидбек. Таа ќе помага да се намали стресот, преку вежби за дишење.
Отворите за проветрување се насочуваат автоматски, зависно од програмата што ќе се избере за клима уредот. Потреба за отворите да се насочуваат рачно, во новата E-Class не постои – иако во секое време е можно тоа да се изведе рачно.
Каросеријата се одликува со примерна вредност на индексот на отпор на воздух, со cw 0,23, што е исто како кај актуелниот модел. Сепак беше предизвик за повторно да се постигне таа вредност, затоа што челната површина на W214 со 0,236 m3 е поголема во споредба со претходникот (0,234 m3).
Со доплата за технички пакет се добива пневматска амортизација Airmatic, со постојано приспособување на работата ADS+ и со управувана задна оска, со којашто кругот на вртење се скусува за 90 сантиметри.
Половината од сите моделски изведби во гамата на E-Class користат приклучен хибриден погон. Три од шесте изведби што се достапни на стартот, користат комбинација од мотор и електромотор. Дизелите и бензинците исто така располагаат со електромотор, каде што тој функционира како стартер-генератор, односно станува збор за благ хибриден погон. Новата батерија кај овие модели овозможи и поголема моќност на стартер-генераторот (17 место 15 kW) и вртежен момент што исто така е зголемен на 205 њутнметри.
За иднина е планиран и систем за паркирање и отпаркирање без потреба од возач во автомобилот. Тоа е веќе 4-то ниво на автономно возење.
Продажбата во Европа почнува во лето, испораките на нарачаните возила ќе следат наесен. Гамата во почетокот ќе ја сочинуваат три благи хибриди E 200, E 220 d, E 220 d 4Matic, и три приклучни хибриди E 300 e, 3 300 e 4Matic и E 400 e 4Matic, сите со 4-цилиндарски мотори. Моќноста се движи од 204 КС до 252 КС. Производството се одвива во модернизираната Хала 46 во Зинделфинген, заедно со GLC.
















