Volkswagen во Канада ја гради својата најголема фабрика за батерии

Шефот за техника Томас Шмал уште во март најави дека следната фабрика за батериски ќелии на Volkswagen ќе се гради во Канада. Тогаш уште не се спомнуваше големината на фабриката во Сент Томас.

Деведесет гигаватчасови. Точно толкав ќе биде капацитетот на новата фабрика на Volkswagen, што се гради на крајниот југ на канадската провинција Онтарио. Фабриката се планира да го достигне овој капацитет до 2030 година. Со тоа, канадската фабрика е повеќе од двојно поголема од фабриките за батерии во Европа, што треба да се градат во Залцгитер/Германија и Валенсија/Шпанија, со по 40 гигаватчасови капацитет. Концернот вложува 4,8 милијарди евра во новоградбата покрај езерото Ири. Фабриката ќе вработува околу 3.000 лица.

Најголема автомобилска инвестиција досега во канадската покраина Онтарио

„Северна Америка има клучна улога во нашата глобална стратегија за батерии“, изјави Шмал, кога на јавноста ѝ соопшти дека е постигнат договор со канадскиот премиер Џастин Трудо. „Гигафабриката Сент Томас отвора врата до еден клучен пазар за електромобилноста и за производството на батериски ќелии.“ Целта на Volkswagen e PowerCo, огранок на концернот што е специјализиран за батерии, да прерасне во глобален играч во производството на батерии.

Сент Томас ќе биде најголема локација за производство на батерии за електрични автомобили на територијата на Канада. Премиерот Трудо посочи дека тоа претставува „добивка за работниците, за општеството и за стопанството.“ Канадскиот министер за индустрија Франсоа Филип Шампањ, исто така говореше за значењето на инвестицијата на германскиот концерн. „Одлуката на Volkswagen за првата фабрика надвор од Европа да ја гради во Канада, говори во прилог на конкурентноста на нашата држава,“ кажа министерот.

Се гради по примерот на Залцгитер

Според првите објавени фотографии, фабриката во Канада ќе има иста градба како првата гигафабрика на VW, што веќе се наоѓа во изградба во Залцгитер. Клучната разлика е во тоа, што место со две монтажни линии во форма на прст, канадската фабрика ќе работи со шест линии.

Гигафабриките на VW се градат според истиот нацрт, односно според стандардна шема, затоа што планот е во 2030 година, унифицираните батериски ќелии што ќе се изработуваат во сите фабрики на VW, да се вградуваат во 80% од електричните автомобили на концернот. Залцгитер ќе биде пример за сите останати фабрики, со таа разлика што фабриката во Сент Томас ќе биде двојно поголема од останатите.

Производството во Сент Томас е планирано да отпочне уште во 2027 година, но во почетокот само во помал обем. Ќелиите што ќе се изработат таму, VW ќе ги вградува во возилата што се произведуват во Чатануга, каде што веќе е почната монтажата на ID.4, како и во новата фабрика за марката Scout во Јужна Каролина, којашто исто така е планирано да отпочне во 2027 година.

Планираниот капацитет од 90 гигаватчасови, според Volkswagen ќе биде доволен за околу еден милион електрични автомбоили годишно. Со тоа, концернот се става пред голем предизвик. Еден милион возила е повеќе од вкупната продажба на возила што концернот ја постигна во Северна Америка лани. Од сите марки од концернот, во 2022 таму се продадоа 842.600 возила. Повеќе од 90 проценти од таа продажба отпаѓа на возила со мотор со внатрешно согорување. Лани таму се испорачаа само 44.200 возила од марките на концернот со чисто електричен погон. До 2030 година, овој број треба да се зголеми повеќе од дваесетпати.

Половина милион возила од семејството ID

Шефот на концернот, Оливер Блуме, веќе најави дека планира масивно зголемување на пазарниот удел во САД, за да се постигне поголема независност од доминантната Кина. До 2030 година, пазарниот удел на Volkswagen во САД ќе се зголеми од сегашните четири, на десет проценти. На почетокот на следната деценија, 55% од продажбата во САД ќе отпаѓа на чисто електрични возила. Тоа точно одговара на еден милион електрични автомобили, што ќе поседуваат батерија изработена во Сент Томас.

Канада ги привлекува инвеститорите со субвенции

Фабриката за батериски ќелии опфаќа површина од 150 хектари, што соодвествува на 210 фудбалски игралишта. Покрај фабриката ќе се гради и индустриски парк од погони на добавувачите. Целата енергија за производството ќе се обезбедува од обновливи извори.

Според претходните најави од концернот, Volkswagen до 2030 година ќе има изградено шест гигафабрики во Европа, со заеднички капацитет од 240 гигаватчасови. По Салцгитер и Валенсија, следната фабрика ќе се гради во Источна Европа. За неа се натпреваруваат Чешка, Полска и Унгарија.

Претходна објаваMercedes-Benz E-Class, генерација W214: Бројките не се случајни
Следна објаваLand Rover Defender со мотор V8 и цела куќа на себе

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here