Посетителите на Неделата на Дизајнот во Милано ги пречекува голема атракција на штандот на Peugeot. Таму има европска премиера хиперавтомобилот Peugeot 9X8, којшто е дел од светското првенство во трки во издржливост. Целиот простор околу штандот е изведен во уникатниот дизајн на шпанскиот уметник Џ. Демски – вклучувајќи ги новите бои на тркачкиот 9X8.
Peugeot прави двојна атракција на својот штанд на Неделата на Дизајнот во Милано. Прво е атракција хиперавтомобилот Peugeot 9X8, што премиерно се појавува пред европската публика, но атракција претставува и целиот простор околу возилото, што е заокружен со бројни дисплеи. На дисплеите се прикажува препознатливиот дизајн на шпанскиот уметник Џ. Демски, кој има остварено соработки со најголемите светски марки, од Sony до Nike, со ументички дела во Мадрид, Токио, Аделаида. Секако, целиот тој спектакл е изведен заради тркачкиот хиперавтомобил Peugeot 9X8 што доби нова графика, создадена од Џ. Демски.
Матијас Хосан, главниот дизајнер на Peugeot, заедно со Фил Јорк, првиот човек на маркетингот и комуникацијата на француската марка, и Густаво Менезес, еден од возачите на 9X8 во првенството, со своето присуство му дадоа највисоко значење на овој настан. Сепак се работи за своевидна најава за учеството на Peugeot на 24 часа Леман, каде што лавот има победувано повеќепати. Хиперавтомобилот ќе биде изложен во Милано до 23-ти април.
Џ. Демски, шпански уметник со светска слава, својата кариера ја има започнато цртајќи улични графити, за низ самоука работа да постигне неговите дела денес да се препознаваат и ценат ширум светот. Освен графиката на автомобилот, негово дело се и шарите на тркачките костуми што ќе ги возат пилотите на легендарната 24-часовна трка.
Peugeot одржува континуитет во своите соработки со успешни уметници. Ова е втора таква соработка годинава, во согласност со начелото дека „светот е подобар со стил“.
Трката во Леман годинава го одбележува своето стото одржување. Peugeot има голема оставштина на патеката, со победи на 905 (во 1992 и 1993 година) како и на 908 (во 2009 година).
















