Volvo им организираше тест на електрични автомобили на ЕУ-министрите

Volvo Cars одигра клучна улога на настанот во Стокхолм, којшто беше дел од редовниот состанок на Советот на ЕУ, за министрите за животна средина и клима на Европската Унија да направат тест-возење на електрични автомобили, камиони и работни машини.

Шведска претседава со Советот на ЕУ во првата половина од 2023 година и во тоа својство организираше тестирање на електрични возила, како дел од официјалната програма на средбата на Советот. Покрај Volvo, како домашен производител на автомобили, дел од настанот беа Volvo Group (камиони, автобуси, бродски мотори и др.), секако Scania, Владата на Шведска и организацијата Mobility Sweden.

ЕУ-министрите, заедно со комисионерот на ЕУ за животна средина, тестираа широка гама електрични автомобили, камиони и работни машини. Секако дека најголем интерес предизвикаа Volvo C40 и XC40. Како вовед во тест-возењата, на настанот му претходеше 15-минутно обраќање на извршниот директор на Volvo Cars, Џим Роуен.

„Нашата цел е до 2040 година да станеме климатски неутрална компанија и целосно да преминеме на електричен погон до 2030 година“, потсети Џим Роуен во својот говор. „Тоа не е само правилно постапување, туку има и комерцијална смисла. Во првите три месеци од годината, нашите возила со целосно електричен и приклучен хибриден погон учествуваа со 41 проценти во нашата продажба ширум светот.“

Покрај електрификацијата на својата понуда од возила, Volvo применува мерки за намалување на емисијата на СО2 во сите подрачја од своето делување. Швеѓаните за своите возила ќе користат челик при чиешто производство се испушта помала количина од стакленичкиот гас. До 2025 година, вкупната емисија на СО2 производството на возилата ќе биде намалена за 40 проценти во споредба со вредностите од 2018 година.

Тоа важи и за производството на батерии во фабриката на Northvolt, каде што Volvo учествува како партнер. Моментно е во развој нова генерација батерии, за чиешто производство ќе се користи исклучиво енергија од обновливи извори.

Директорот Роуен повика Унијата да преземе следни чекори, вклучувајќи зголемување на продукцијата на електрична енергија од обновливи извори, како и вложување во истражување и едукација.

Претходна објаваНовите бои на Peugeot 9X8: Прво по дизајн во Милано, па на трка во Леман
Следна објаваFiat освои награда за генијално осмислена „амбалажа“

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here