Бавното производство на Ariya пречка за електро-камбекот на Nissan

Нисан Арија

Новиот целосно електричен кросовер Ariya наидува на потешкотии на високо технолошката производствена линија, тврдат повеќе лица што се упатени во проблемот. Тоа ги забавува испораките на автомобилот што треба да ја врати некогашната моќ на Nissan меѓу електричните автомобили.

Претставен во 2020 година со големо одушевување на сцената, кросоверот беше прв нов модел на Nissan по пет години. Ariya воедно требаше да биде знак дека е надмината кризата што настана по прогонот на поранешниот шеф Карлос Гон.

Проблем се јавува со тоа што продукцијата е за барем третина побавна од плановите. Тоа го ограничува бројот на возила што може да се испорачаат до новите клиенти.

Бавната продукција оневозможи да се искористи шансата што се укажа, откако пазарот со одушевување ја пречека Ariya. Новиот модел требаше да послужи и како тест за тоа како пазарот ќе реагира на првиот од најавените 19 нови батериски електрични модели, што Nissan ги планира до 2030 година. Трпи и планот на јапонскиот производител да се врати со поголемо присуство на пазарот на електрични автомобили, каде што Nissan имаше пионерска улога, пред Tesla да ја преземе играта.

Производството на Ariya е забавено поради проблемите што настануваат од високо автоматизираниот систем на „интелигентна фабрика“. Овој систем е воведен токму поради Ariya, во фабриката на Nissan во Тошиги, северно од Токио.

Nissan проектираше систем што овозможува на иста лента да се произведуваат автомобили со различен вид погон – батериски електрични, хибридни и автомобили со мотор со внатрешно согорување.

Воведувањето на системот се покажало дека е „исклучително, исклучително тежок предизвик“, а напредната линија за лакирање станала хронична главоболка, откриваат упатени лица во производството во Nissan.

Nissan се соочува и со кусок од плочки со печатени кола за електронските компоненти за Ariya, по пожарот што избувна во јануари во фабриката на добавувачот Wuxi Welnew Micro во Кина. Добавувачот во меѓувреме го пресели производството во друга фабрика и работи на надминување на проблемот.

Јапонскиот производител постигна огромен успех и стекна големо име на сцената на електричните автомобили, со славниот Leaf во 2010 година. Десет години подоцна, компактниот модел на Nissan беше престигнат од Tesla Model 3, во поглед на вкупниот број на произведени примероци. Електричните возила лани учествуваа со само 4,5 проценти во продажбата на Nissan од 3,2 милиони возила на светскиот пазар.

Пропуштени производствените цели

Nissan имаше предвидено дневно да произведува по 400 примероци од Ariya, откриваат упатени лица. Тоа соодветствува на близу 9.000 возила месечно, односно на повеќе од 100.000 возила годишно.

Во следните два месеци нема да може да се постигне таа продукција. Тоа го покажуваат плановите за производство што во минатиот месец ѝ беа ставени на располагање на агенцијата Ројтерс.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nissan (@nissan)

За март првично се предвидуваше продукција од 6.900 возила, околу 5.200 возила во април и 5.400 во мај. Овие планови во меѓувреме се намалија.

Американските дилери престанаа да примаат нарачки уште лани, а јапонските салони исто така не прават резервации од август наваму. Продажбата првично требаше да почне во 2021 година, но кусокот од полупроводници го одложи тоа за 2022 година.

Со цена за основен модел од 43.000 долари во САД, Ariya е соперничка на Tesla Model Y, којашто чини околу 4.300 долари повеќе. На таа цена на Ariya следат уште 7.500 долари субвенција во САД.

 

Претходна објаваХибридот на Lamborghini работи со V12 и три електромотори
Следна објаваKia EV9 или автомобилот за којшто на луѓе им е страв да кажат дека им се допаѓа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here