за

Хибридот на Lamborghini работи со V12 и три електромотори

Новиот суперавтомобил на Lamborghini е развиен под ознаката LB744 и користи хибридна погонска спрега со мотор V12 и три електромотори.

Lamborghini ги откри првите детали околу погонската спрега на својот прв модел што користи приклучен хибриден погон. Наследникот на Aventador може да вози и чисто на струја.

Новиот суперспортски автомобил на Lamborghini, чиешто име уште не се открива, користи новоконструиран мотор V12 од 6,5 литри со код L545, атмосферски, без турбонатполнење, вграден средишно и придружен од три електромотори. Дванаесетцилиндарецот, со бројност на цилиндри што влече корени уште од Lamborghini 3500 GT од 1963 година, постигнува 825 КС при 9.250 вртежи во минута. Моторот е свртен 180 степени во споредба со поставеноста на моторот кај Aventador. Максимумот на вртежниот момент е 725 Nm при 6.750 вртежи.

Едниот електромотор (110 kW, 150 Nm) е вграден надолжно назад и сочинува целина со новиот осумстепен менувач со двојна спојка, додека останатите два електромотори (секој со 110 kW и 350 Nm) ги задвижуваат предните тркала, по еден за секое тркало. Моторот и трите електромотори, секој со максимумот што може да се постигне при нивна заедничка работа во исто време, постигнуваат моќност од 1.015 КС.

Суперавтомобилот со погон на сите тркала, развиван под ознаката LB744, дел е од прославата што се подготвува за одбележување на 60-годишнината на Lamborghini. Марката од Сант Агата и претходно има произведувано хибридни автомобили (Sian), меѓутоа LB744 ќе биде прв модел со приклучен хибриден погон. Тоа значи дека моќникот ќе може десетинa километри да мине и чисто со погон само од електромоторите.

Lamborghini објави податок дека моторот тежи 218 килограми. Тоа е за 17 килограми помалку од моторот V12 што работи во Aventador.

Уште неколку податоци што ги објавува Lamborghini за идниот супермодел:

Компресија 12,6:1
Тежина на предните електормотори, по 18,5 kg секој
Литиум-јон батерија вградена во тунелот меѓу предните седишта
Димензии на батеријата 1550 х 301 х 240 mm
Капацитет на батеријата 3,8 kWh
Моторот може директно да ја наполни батеријата за 6 минути
Димензии на новиот 8-степен менувач со двојна спојка 560 x 750 x 580 mm
Тежина на менувачот 193 kg
При возење наназад, погонот доаѓа од предните електромотори

Премиерата на LB744 е на 29-ти март.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шефот на Volvo со критики до земјите што сакаат да ја блокираат забраната за мотори

Бавното производство на Ariya пречка за електро-камбекот на Nissan