Шест од илјада: ЕУ лани регистрирала 1.656 нови електрични камиони

Електричните автомобили се главни на сцената, но браншата каде што погонот на струја навистина ги менува нештата, тоа е тешкиот транспорт. Уделот на електричните камиони во вкупниот број продадени возила лани уште е незначителен, со 0,6 проценти застапеност, но трендот оди угоре.

Голем раст во продажбата на електрични камиони во ЕУ во 2022 година, со вкупно 1.656 возила, што е за 32,8% повеќе во споредба со преклани. Половина од камионите се регистрирани во Германија (829 возила). Уделот на камионите со погон на батерија во продажбата се зголеми од 0,5% во 2021 година, на 0,6% лани.

Наспроти тоа, паѓа продажбата на камионите со хибриден погон, со 16,1 проценти во минус, коишто сепак имаат незначително учество, со вкупно 47 продадени возила лани. Паѓа и продажбата на камионите што користат алтернативно гориво, односно метан, автогас, биогорива и етанол. Во споредба со уделот од 3,6% во 2021, нивната застапеност во продажбата лани се намалила на 2,8 проценти. Станува збор за 7.915 камиони, што е за 19,9 проценти под резултатот од 2021 година. Продажбата на камионите со алтернативно гориво опадна најмногу во Германија, со 34,2 проценти минус.

Вкупната продажба на камиони во ЕУ во минатата година порасна за 3,7 проценти. Тој раст сепак е помал во споредба со една година претходно. Вкупно се продадени 274.058 камиони. Најголем напредок има постигнато Централна Европа. Франција и Германија имаат пад (-3,0% и -2,4% соодветно), Шпанија и Италија растат (+11,6% и +4,6% соодветно).

Во продажбата се појавуваат и камиони со бензински мотор. Вкупно се продадени 157 камиони од оваа категорија, со тоа што 60% од продажбата отпаѓа на студената Финска.

Заедно со земјите од ЕФТА (Исланд, Норвешка, Швајцарија) и Велика Британија, вкупниот број на продадени камиони во Европа во 2022 година изнесува 326.992 возила, што е за 3,4% повеќе од преклани. Бугарија и Малта немаат доставено податоци.

По Германија, најмногу електрични камиони имаат регистрирано Велика Британија (809), Норвешка (364), Швајцарија (178), Шведска (176), Франција (166), Шпанија (160) и Холандија (145).

Претходна објаваTesla повторно поевтинува, тоа не им се допаѓа на сите
Следна објаваSuzuki Jimny го враќа духот на 1980-те, посебна верзија за Австралија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here