Платата на извршниот директор на концернот Stellantis, Карлос Тавареш, за минатата година е пониска за 14 проценти и изнесува 14,9 милиони евра. Тоа е наведено официјално во соопштението од концернот што произведува важни автомобилски марки, предводени од носечките Peugeot и Fiat.
Тавареш на доби бонус за ретенција во 2022 година, за разлика од една година порано, кога под оваа ставка беа исплатени 2 милиони евра. Станува збор за бонус што им се исплатува на клучните менаџери, за ненапуштање на компанијата, во време кога истата минува низ период на радикални промени.
Концернот Stellantis ги надмина сите предвидувања, кога во средата ги објави финансиските резултати. Успехот се должи на добрата продажба на модели од поскапите сегменти, како и на придобивките од спојувањето на двете групации – PSA Group и Fiat Chrysler – што се повисоки од очекувањата. Менаџментот упати дека бизнисот ќе се најде под ценовен притисок, поради попуштањето на тесното грло околу испораката на компоненти од добавувачите.
Повеќе од 90 проценти од платата на Тавареш ја сочинуваат варијабилни компоненти. Компанијата за 2022 пријави прилив на слободна готовина во висина од 10,8 милијарди евра, што е далеку над поставениот максимум на 8,1 милијарди евра.
In 2022, #Stellantis is No. 1 in EU30 Commercial Vehicles BEV sales and No. 2 in EU30 for overall #BEV sales, ranking first in the U.S. for plug-in hybrid electric vehicle (#PHEV) sales. Learn more about the #FY2022 record results: https://t.co/BuykLfQ2oe pic.twitter.com/9IoU6AG87X
— Stellantis (@Stellantis) February 24, 2023
Скусувањето на трошоците му донесе на Stellantis заштеда од 7,1 милијарди евра, што исто така е далеку над 5 милијарди евра, коишто според планот требаше да се достигнат во 2024 година.
Производителот на автомобили исто така објави дека за 2023 година предложил програма за откуп на сопствените акции, во вкупна висина од 1,5 милијарда евра. Stellantis ќе плати дивиденда од 4,2 милијарди евра, од финансиските резултати за 2022 година, со 1,34 евра по акција.
Платата на Тавареш во 2021 година изнесува 17,4 милиони евра, што поттикна негодување меѓу дел од француските синдикати, коишто од политичарите побараа да преземат мерки со коишто ќе се ограничи висината на платата на извршните менаџери.
















