Од онлајн-платформата за продажба на користени автомобили Carvana се очекуваше да направи голема револуција на пазарот. Во 2021 година, таа се најде во американската Фортуна 500, како една од најмладите компании што постигнуваат највисока добивка. Сега на Carvana ѝ се заканува банкрот.
Голема е неизвесноста околу иднината на Carvana, мајка на сите платформи за трговија со користени возила. Во последниот квартал од минатата година, некогашната стартап-компанија што служеше за пример, направи загуба од преку 800 милиони долари. Минусот на ниво на цела година достигна 1,6 милијарда долари.
„Carvana е пред банкрот“, кажува Питер Золман, основач и шеф на американската компанија за истражување на пазарот АИМ Груп. „Никој не знае дали ќе успеат да излезат од кризата.“
Грешки и преценување на ситуацијата, заедно со несреќни околности и влошени услови на пазарот, ја доведоа компанијата во незавидна ситуација.
Основни финансиски показатели за Carvana
Показатели за година | 2022 | 2021 |
Промет | 13,6 милијарди долари | 12,8 милијарди долари |
Вкупна загуба | 1600 милијарди долари | 135 милијарди долари |
Вкупна продажба на возила | 412.296 | 425.237 |
Бруто добивка по продадено возило | 3022 долари | 4537 долари |
Бруто добивката се намали драстично, од преку 4.500 долари во цела 2021 година, на околу 2.200 долари по продадено возило во последниот квартал лани
По осум години во постојан раст, финансиските показатели за целата групација укажуваат на негативен тренд. Само во последниот квартал во минатата година, продажбата се намалила за 23 проценти, на околу 87.000 користени возила. Бруто добивката се намалила за 51 процент, на само 2.219 долари по продадено возило.
Негативниот тренд продолжува и во новата година. Carvana очекува намалена продажба во првото тромесечие. Тоа условува драстично смалување на трошоците во работењето на компанијата. До вториот квартал, трошоците во продажбата и во управата ќе се скусат за 100 милиони долари. Во моментов не се планира натамошно намалување на персоналот.
Аналитичарите ценат дека најголемата грешка што доведе до падот на Carvana е преземањето на Adesa. За оваа платформа за наддавање во минатата година биле платени 2,2 милијарди долари. Проблем направи покачувањето на банкарските камати. Во исто време, побарувачката за возила се намали и цените на користените возила се намалија значително.
Стотици милиони долари изгубени во неповрат
Британскиот клон на Carvana, платформата Cazoo, исто така се сопна при својот пазарен трк. За само неколку месеци, британската платформа за користени возила отвори ограноци во Германија, Франција, Шпанија, Италија, што беше проследено со големи вложувања и скапи реклами.