Peugeot воведува благ хибрид како нов избор за погонот

Кај марката со лавот владее изобилство од погонски опции. Бензин, дизел, батериски електричен погон, приклучен хибриден погон, па дури и мал обем на возила со погон на водород, сето тоа е во понудата на Peugeot. Благиот хибриден погон со 48 волтен стартер-генератор не е новина на сцената, но Peugeot го изведува на свој начин.

Во „електричната година“ што ја најави Peugeot, француската марка почнува од основниот вид на електрификација, со стартер-генератор и мала батерија со доволно енергија за да учествува при поаѓањето и забрзувањето. Сите останати видови на електрификација се совладани, до највисокиот степен, батериски и водороден погон, единствено отсуствуваше благ хибрид, што сега се нуди првпат во Peugeot 3008 и 5008.

Новите изведби во гамата на големите СУВ-модели ја носат ознаката Hybrid, без бројчена додавка, како кај верзиите со приклучен хибриден погон. Понатаму, погонот ќе се вградува и во останатите моделски серии.

Погонот се состои од нов бензинец од генерацијата PureTech со 136 КС, којшто работи во комбинација со нов 6-степен менувач со двојна спојка, што вклучува и електромотор. Батеријата се полни при секое забавување и запирање, и со енергијата што ја враќа во погонот помага да се заштеди до 15 проценти гориво. Според Peugeot, во градски услови на возење, двата големи СУВ-модели можат да поминат од 50 до 100 проценти од патот во чисто електричен режим.

Големиот СУВ-модел Peugeot 5008 исто така е достапен во изведба со новиот хибриден погон

https://photos.app.goo.gl/4MWphosHJz73tf5o9

Едноставно користење и следење на работата на погонот

  • Работата на погонот се прикажува во i-Cockpit, постои и можност да се избира меѓу неколку начини на работа.
  • При нормално возење, моторот и електромоторот соработуваат или работат посебно, со цел да се смали потрошувачката на гориво.
  • При силно забрзување, електромоторот испорачува дополнителни њутнметри и му помага на моторот да забрза од најниски вртежи.
  • При забавување, бензинскиот мотор се гасне и електромоторот станува генератор, што ја полни батеријата од 48 волти.
  • Возилото се движи чисто на струја на помали растојанија и при маневрирање.

https://photos.app.goo.gl/7CqjPfr4YykFKKZ59

Заштедата на гориво се движи до 1 литар на сто километри. Поголема заштеда се постигнува при градско возење, каде што Peugeot наведува потрошувачка намалена до 2,5 литри, додека на отворен пат се заштедуваат 0,7 литар. На автопат нема разлика.

Главните делови на 48-волтниот хибриден систем

Сите компоненти на погонот се наоѓаат во кошот за мотор, со исклулок на малата батерија, што е вградена под возачкото седиште во Peugeot 3008 и 5008.

https://photos.app.goo.gl/CxjRoDPKdJWPpqse8

Бензинецот од 1,2 литар од генерацијата PureTech е оптимиран посебно за работа со електромотор во погонската спрега

• 3 цилиндри и 1199cm3,
• Моќност 136 КС (100kW) при 5500/min,
• Вртежен момент 230 Nm при 1750/min,
• Турбополнач со променлива геометрија,
• Синџир за погон (пониски трошоци за одржување),
• Работа на моторот во милеров циклус, заради подобра ефикасност,
• Стандард Euro 6.e.

Менувач со двојна спојка e-DCS6 (Dual Clutch System)

Благиот хибриден погон со 48 волти на Peugeot користи нов елетирфициран 6-степен менувач со двојна спојка, посебно наменет за хибридни системи. Во куќиштето е вграден и самиот електромотор, како и инвертерот и контролната електроника. На тој начин се заштедува простор и тежина.

Електромотор

Синхрониот мотор со постојана магнетна побуда постигнува максимално 21 kW (28 КС) и вртежен момент од 55 Nm. Електромоторот може и самостојно да го движи возилото на помали растојанија. Главната задача сепак е да му помага на моторот при забрзување и поаѓање. При секое забавување, електромоторот работи како генератор и ја полни 48-волтната батерија.

Стартер со 48 волти

Стартерот со 48 волти се грижи за стартување на моторот, преку ременска врска со коленастото вратило. Самото стартување е тивко и брзо.

48-волтна батерија

Литиум јон батеријата располага со капацитет од 0,898 kWh. Гаранцијата за неа важи 8 години или 160.000 километри.

Peugeot 3008 и 5008 располагаат со две електрични мрежи. Нисконапонската 12-волтна мрежа ја напојува опремата во возилото, додека високонапонската 48-волтна мрежа го напојува хибридниот систем. Електричната енергија ја произведува 48-волтниот електромотор. Конвертер го претвора напонот во 12 волти, за мрежата од потрошувачи во кабината.

Посебен дисплеј за хибридните модели

Дисплејот е различен кај хибридните модел и прикажува кога се вози целосно на струја (брзиномерот е син), дава преглед на движењето на енергијата во системот, на наполнетоста на батеријата, на оптоварувањето (полнење, еко, моќ), како и на процентот на патот што е извозен чисто на струја од поаѓањето.

Возилата се снабдени и со систем за ззвучно предупредување, кога се движат чисто на струја до брзина од 30 km/h, за пешаците и велосипедистите да можат да го слушнат возилото во нивна близина.

Новата погонска изведба доаѓа во замена за PureTech 130 EAT8 и ќе се вградува во целата гама 208 – 2008 – 308 – 308 SW и 408. Производството е во Сошо, продажбата во Европа стартува напролет.

Претходна објаваКонцернот на Peugeot и Fiat го отвора осмиот центар за софтвер во Полска
Следна објаваRenault со рекордни нарачки, добивката расте

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here