Renault очекува зголемена добивка годинава, како резултат од рекордниот број на нарачки и од новите модели.
Француската компанија очекува оперативната маржа да надмине 6 проценти во 2023 година, во споредба со 5,6 проценти лани. Првпат по четири години ќе се исплатува и дивиденда, со исплата на 25 евроценти по акција, откако почна да делува пресвртницата во Renault.
Основите на групацијата Renault „целосно се исчистени и нема да се враќаме назад“, порачува извршниот директор Лука де Мео во соопштението. Тој понатаму образложува дека „финансиските планови за 2023 година и враќањето на дивидендата го потврдуваат тоа.“
Приливот на готовина се очекува да достигне или да надмине 2 милијарди евра, откако во минатата година беа регистрирани рекордни 2,1 милијарди евра.
Производителот на автомобили ги завршува бурните 12 месеци, што беа одбележани со скапо повлекување од Русија и со постигната нова спогодба со Nissan, со цел да се надминат проблемите со коишто алијансата се соочуваше повеќе години. Згора на сé, во целиот овој период браншата мора да се справува со нередовната испорака на компоненти од добавувачите.
Со новата спогодба што беше објавена во почетокот на месецов, Renault ќе го смали својот удел во Nissan од сегашните 43 проценти, на 15 проценти.
Кусокот од микрочипови за автомобилската индустрија веќе почнува да се надминува, меѓутоа Renault уште наидува на потешкотии во логистиката, главно во превозот на нарачаните возила до дилерите. Покрај тоа, се очекува дека годинава ќе стагнира европскиот пазар, што е главен пазар на француската марка.

Во ноември, Renault ги постави новите цели, со планови за оперативната маржа да се зголеми на над 8 проценти до 2025 година, а понатаму и да надмине 10 проценти до 2030 година.
Францускиот производител ја освежува својата понуда од модели, вклучувајќи и враќање на моделите со повисока спецификација, на коишто се постигнува и повисока заработка. Нарачките за новите модели, меѓу кои се целосно електричниот Megane e-tech, Arkana и Dacia Jogger, донесоа зголемување на прометот во минатата година, заедно со повисоките цени.
Прометот на групацијата во 2022 година се искачи за 11 проценти и достигна 41,7 милијарди евра. Оперативната добивка се зголеми за повеќе од двојно, на 2,2 милијарди евра.
Бројот на нарачки во завршетокот на минатата година во Европа одговарал на три и пол месеци продажба, соопштуваат од компанијата.
Соочување со недостигот од микрочипови
Кусокот од микрочипови во минатата година оневозможи да се произведат околу 300.000 возила. Исто како сопернциите, Renault продаваше помалку возила, но затоа ги остави во понуда поскапите моделските изведби, за на тој начин да се надомести за кусокот во продукцијата на возила.
View this post on Instagram
Де Мео продолжува со планот за бизнисот да го подели на пет ограноци, додека бара инвеститори што ќе вложат во скапото преоѓање кон електричните возила.
Спогодбата со Nissan ќе овозможи компанијата да договара нови партнери, меѓу кои и моќниот кинески холдинг Geely.
Во втората половина од годината се очекува Renault да стартува на берзата во Париз, со новиот огранок за електрични возила, кога тоа ќе го дозволат условите на пазарот.
Вредноста на акциите порасна годинава за 38 проценти, што е врвен резултат во европскиот индекс Stoxx 600 за автомобили и делови, со што пазарната вредност на Renault достигнува 12,8 милијарди евра.
















