Европскиот Парламент денес го изгласа законот со којшто им се става крај на автомобилите со мотор со внатрешно согорување. Овој чекор ќе предизвика коренити промени во автомобилската индустрија во Унијата.
Законот ги обврзува производителите на автомобили, до 2035 година да достигнат 100-процентно намалување на емисијата на СО2 од новите автомобили. Со тоа се оневозможува продажба на нови возила со погон на фосилни горива во Унијата со своите 27 држави членки.
Покрај тоа, за 2030 година се предвидува 55-процентно намалување на емисијата на СО2 од новите автомобили, во споредба со емисијата во 2021 година. Тоа е значително построго барање, во споредба со досегашното барање за намалувањето да изнесува 37,5 проценти.
Кај новите доставни возила, до 2035 година мора да се постигне 100-процентно намалување на емисијата на СО2, со тоа што претходно во 2030 година треба да се дојде до 50-процентно намалување во споредба со вредностите во 2021 година.
За законот гласаа 340 пратеници, против законот гласаа 279, а воздржани беа 21 пратеник.
Јан Хуитема, главниот преговарач на Парламентот за новите правила, изјави: „Овој закон охрабрува да се произведуваат возила со нулта и ниска емисија. Тој претставува амбициозна ревизија на целите за 2030 година и цел за нулта емисија до 2035 година, што е клучно за да се постигне климатска неутралност до 2050 година“.
Commissioner @TimmermansEU on the #CO2 🚗emission standards debate
Download more extracts from the debate & vote: https://t.co/ngVdfx2mVp pic.twitter.com/hMZS8Mx4Yw
— European Parliament Audiovisual Service (@europarlAV) February 14, 2023
Целите „ѝ даваат јасна слика на автомобилската индустрија и поттикнуваат иновирање и вложување од страна на производителите на автомобили“, додаде Хуитема во изјавата.
„Купувањето и возењето автомобили со нулта емисија ќе стане пеовтино за потрошувачите, а исто така и пазарот на користени возила ќе напредува побрзо. Тоа прави одржливото возење да биде достапно за секој“, кажува Хуитема.
Државите членки на ЕУ добија дозвола од законодавството во минатиот октомври, но остануваат уште неколку формалности додека законот стапи на сила.
Конечното одобрение од Европскиот совет се очекува во март
Законот наиде на противење од некои држави и од производителите, кога беше предложен во јули 2021 година. Како резултат од тоа, конечниот договор вклучува неколку исклучоци, како на пример, можност за помалите производители со помалку од 10.000 возила годишно да важат помалку строги ограничувања до 2036 година.
Плановите на ЕУ ќе предизвикаат глобални промени. Како најголема трговска унија во светот, ЕУ досега има поставувано многубројни стандарди што важат глобално и воедно е дом на некои од најголемите производители на автомобили, меѓу кои Volkswagen и Mercedes-Benz.
View this post on Instagram
Промените до коишто води законот се огледуваат преку примерот со Ford, кој денес објави дека ќе укине околу 3.800 работни места во Европа, со тоа што најмногу ќе бидат погодени работниците во Германија и Обединетото Кралство. Ford ги укинува моделите со мотори со внатрешно согорување, што имаат долга традиција на европскиот пазар, вклучувајќи ги Fiesta и Focus. До 2030 година, Ford ќе развие мала понуда од модели со целосно електричен погон за Европа.
Повеќето производители во Европа планираат целосно да ја префрлат својата понуда од модели на чисто електричен погон уште пред крајниот рок. Шефот на марката Volkswagen, Томас Шефер, лани изјави дека по 2033 година, во Европа ќе се произведуваат единствено целосно електрични автомобили.
















