Peugeot 408: Лавот е комплетен кога има купе-модел

Четворката е волшебниот број на Peugeot. Сите броеви имаат свое поглавје во историјата на марката, но на четворката во сите генерации ѝ успева да направи нешто посебно. Од Peugeot 401 Eclipse од 1934 година, предокот на купе-кабриолетите 206 CC и 307 CC, преку Peugeot 404, еден од најважните автомобили откако светот знае за лично превозно средство, до најмноќната реклама за автомобил на сите времиња, со Peugeot 406 во филмот „Такси“ на Лук Бесон, многу имаат постигнато четворките на француската марка.

Тоа што Peugeot сега повторно го заживува бројот четири во својата понуда од модели, со новиот 408, пак нé навраќа на „Такси“ и 406, на една каросериска форма што исто така е специјалност на француската марка. Peugeot 408 би можело да се гледа како продолжение на поглавјето на Peugeot 406 Coupe, една од најубавите форми на купе, со елеганција покрај којашто и баснословно скапите купеа од тоа време, од рангот на Aston Martin и Maserati, изгледаат скромно.

Peugeot 408 ја оствари својата премиера во салонот на Еуроимпекс верно на мотото на моделот, „Очекувај го неочекуваното“. Колку што тајмингот на премиерата беше очекувано неочекуван, толку помалку беше за очекување сцената да добие нова каросериска форма. Постојат лимузини, комбилимузини, комби, купеа, кабриолети, родстери, ванови, комби со повишен покрив, мултинаменски возила, СУВ, кросовери, теренци – и постои Peugeot 408.

Тимот на шефицата Линда Џексон вели дека формата на Peugeot 408 е фастбек. Луѓето не се оптоварувале премногу да измислат некое звучно име за новопронајдената каросериска форма. На светот не треба да му се објаснува дека тоа што го гледа во Peugeot 408 е посебно. Французите велат дека автомобилот е „неочекуван од секој агол“, и тоа сега се покажува во салон.

Peugeot 408 изгледа како наследник на купето 406, во време кога секој втор продаден автомобил во Европа е СУВ

Од напред, „четворката“ личи како брз и моќен автомобил, со висока и долга хауба, со пропорции како на спортско купе од 1970-те, со моќен мотор што го полни просторот под хаубата. Отстрана, долгата линија на прозорците што завршува остро во опашот, создава впечаток како каросеријата да е долга пет метри.

Повишениот клиренс и обрабите на арките на крилата и на праговите со црна пластика, укажува на автомобил што по желба може да се изнесе и надвор од асфалтот – иако веројатно ретко кој ќе си дозволи оваа каросерија да ја извалка со нешто негосподско. Назад, пак, црниот и дебел дифузор во дното на браникот, заедно со тенките светла и високиот опаш, неодоливо потсеќа на моќно италијанско купе.

Кога ќе се погледне под салонски рефлектори, Peugeot 408 делува како да е изработен на 3D-принтер и ќе биде изработен во само еден примерок

Колку и да се обидува човек да се убеди дека ова е купе-лимузина, односно купе со 4 врати, или само малку поразвлечена комбилимузина, секогаш ќе се најде по некој детал или по некоја форма, што уверуваат дека ова сепак е нешто различно. Нагласокот на ширината на трагата, поради којашто и крилата се дополнително извлечени странично, повеќе личи за суперспортско купе, личи како дива мачка што го раширува тркот, за да го следи пленот додека тој се обидува да побегне со нагло менување на правецот.

Најубедливиот детал во посебноста на Peugeot 408 дури и не е детал, туку е дел од концептот, од замислата на продукт-менџерите и дизајнерите. Задните врати се веројатно најдолги во класата, можеби во ранг со S-Class или А8. За тоа сознание да се нагласи уште толку, стаклото во задната врата дополнително продолжува наназад.

Згодно купе со место за пет патници, со функционалност на лимузина, со практичност на СУВ – многу содржина има во оваа каросериска форма што сега ни ја нудат Французите. Пленат и деталите, многу време и умешност се посветени за тие да се изведат. Техниката доаѓа од Peugeot 308, но четворкава е далеку од тоа да изгледа како варијанта на семејниот компакт. Нова бројка во гамата на Peugeot, токму тоа.

Дволитарските мотори со над 200 КС денес се заменети со мотори со средна зафатнина и електромотор – така бара ЕУ

Понудата од мотори се состои од бензинец од 1,2 литар со 130 КС и два приклучни хибриди, со системска моќност од 180 или 225 КС. Осумстепениот автоматик секогаш е стандард, Peugeot 408 е пред сé купе, што значи дека е модел со повисока спецификација, па затоа и не може да го следи Peugeot 308, во достапноста од основни нивоа на опременост и во моторите. Дизел не постои.

Ваквата понуда од мотори е точно во чекор со духот на времето, а тоа значи во чекор со лимитите што ги поставува Комисијата на ЕУ за емисијата на СО2. Место дволитарец што сам ќе сервира над 200 КС, но и ќе има соодветно повисока емисија на СО2, денес тоа го прават мотори со средна работна зафатнина, во комбинција со електромотор – што не испушта СО2. Гамата ќе биде заокружена со целосно електрична изведба е-408, со новиот електромотор од e-308 и со новата батерија.

Еуроимпекс најавува посебен настан на којшто ќе го претстави моделот пред јавноста, а во меѓувреме ги имаме кадрите од првите примероци во салонот на лавовската марка.

Претходна објаваЕлектричен Fiat 500 во Италија за 299 евра месечен наем
Следна објаваНа новата верзија на Toyota Highlander ѝ се гледа зошто е Grand

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here