за

На новата верзија на Toyota Highlander ѝ се гледа зошто е Grand

Трета клупа со место за возрасни патници, турбо-хибрид со 367 КС, дигитален клуч и дисплеј од 12,3 инчи како стандард. Сé е „гранде“ во новата Toyota Grand Highlander.

Во земјата што се раководи според начелото дека сé што е поголемо е поубаво, големо ветување е кога нештата се именуваат Grand. Toyota со новата изведба на Highlander прави да има уште поголемо од тоа што веќе е поголемо. Стандардно за светската марка, не се останало само на поголема каросерија, туку и на содржина.

Toyota Grand Highlander е големиот новитет за салонот на автомобили во Чикаго. Хибридниот погон е веќе „стара“ вест за Toyota, Highlander уште во 2006 година прв понуди таков погон во сегментот. Големата вест е дека Toyota нуди две варијанти на хибридниот погон во својот нов Grand Highlander. Јапонците одамна најавија дека ќе додаваат по две варијанти на хибриден погон во своите моделски серии. Corolla и Corolla Cross се пример за тоа на европскиот пазар.

Три погонски варијанти стојат на располагање за поголемиот Higlander: 2,4-литарски турбо бензинец, познатиот хибрид со 2,5-литарски мотор и декларирани 6,9 литри на сто километри, и како голема новина, верзија со турбо натполнење со име Hybrid Max и моќност од 367 КС. Првите два погони се достапни и во комбинација со преден погон.

Хибридниот погон е повеќе од масовен во понудата на Toyota во земјата што уште сонува за V8: Вкупно 10 хибриди, два приклучни хибриди, еден целосно електричен кросовер bZ4X, па на тоа уште водородна лимузина Mirai. Грижата за животната средина во Toyota важи и за производството и воопшто целиот век на автомобилите. По новиот Prius, што имаше премиера неодамна, Grand Highlander е втор модел на марката, што го носи беџот Beyond Zero.

https://photos.app.goo.gl/2FYzkd1Yq2ERQAta8

Дизајнот е дело на креаторите во студиото на Toyota во Калифорнија, а моделот се произведува единствено во фабриката во Принстон, Индијана. Цените и старот на продажбата ќе бидат објавени во лето.

https://photos.app.goo.gl/sWwG4PZL5xhFbES96

Платформата е TNGA-K, истата платформа од Highlander. Зад третата клупа останува простор за седум ранци, а кога ќе се соборат двата задни реда седишта, се добива товарен простор со зафатнина од близу три метри кубни – зафатнина од 2.775 литри е на ниво на фургон за достава на товар.

https://photos.app.goo.gl/5N9SwuT5iW9nn6nF8

Во средишната конзола, каде што тронува дисплејот од 12,3 инчи, има место да се постави и таблет, а трите држачи за чаша таму исто така се по американски стандарди, со тоа што во едниот од нив може да се постави шише.

Grand Highlander во верзијата Hybrid MAX досега е најсилен СУВ-модел на Toyota од средна класа. Спринтот до 60 mph (96 km/h) трае 6,3 секунди. И влечата е гранд, рамно 5.000 фунти или близу 2,3 тони.

https://photos.app.goo.gl/iivBtrPVHXuqku696

Мултимедискиот систем е развиен од тимот на Toyota што работи во центарот во Тексас. Со системот се ракува преку допир и преку глас, вклучувајќи и будење со „Еј, Тојота“. Со говор може да се задаваат одредишта, да се менува температурата во кабината и слично.

https://photos.app.goo.gl/HqMFWS5TQkAnyUnr8

Новина во системите за асистенција е проактивната помош при возењето. Таа е дел од пакетот Toyota Safety Sense и ги користи камерата и радарот за да подзапре во свијоци, да го коригира правецот, да подзабави или запре при пешак или велосипедист пред возилото.

Toyota Safety Sense во меѓувреме напредуваше во генерацијата 3.0

Препознавањето пешаци е уште посигурно благодарение на новододадените сензори. Системот дополнително препознава и мотоциклист на патот. Следењето лента препознава одредени објекти, како заштитна ограда, за да одреди до каде досега лентата.

Од техничките податоци, досега е познато дека меѓуоскиното растојание е подолго за 16,5 сантиметри од „кусиот“ Highlander. Должината на моделот што се позиционира директно под огромната Sequoia, што уште користи носечка рамка, изнесува 5,12 метри. Ширината е 1,99 метар, висината 1,78 метар.

Тест: Toyota Highlander 2.5 Hybrid Luxury Premium

Highlаder и Camry веќе со години се присутни на македонскиот пазар, постои веројатност дека со Grand Highlander ќе им се придружи и третиот американски модел. Во таа комбинација може да се очекува и новиот луксузен кросовер Crown.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot 408: Лавот е комплетен кога има купе-модел

Веднаш по Lexus: Kia ги има најиздржливите автомобили според JD Power