Според изјавата на рускиот министер за индустрија и трговија Денис Мантуров, Renault ќе го продаде своето мнозинско учество од 68% во компанијата АвтоВАЗ на рускиот научен институт НАМИ. Трансферот ќе чини една рубља. Фабриката во Москва преоѓа во сопственост на Градот.
Како причина за заминувањето на Renault од Русија, на министерот за индустрија и трговија Денис Мантуров му било соопштено дека станува збор за „недостиг од средства за одржување на тековното работење во сите ограноци во Русија“. Французите решија да ги продадат своите акции во Автоваз и во Автофрамос, фабриката за автомобили на Рено Россия во Москва. Нов сопственик на фабриката станува Градот Москва, додека сопственоста над компанијата се очекува да ја преземе научниот институт НАМИ. Опција е Renault да го врати својот удел во компанијата, во следните пет до шест години, доколку Французите решат да го обноват своето присуство во земјата.
Renault моментно располага со удел од 68% во капиталот на Автоваз преку Лада Авто Холдинг, каде што државната компанија Ростех поседува 32 проценти. Францускиот концерн на крајот на 2012 година целосно ја презеде сопственоста на фабриката во Москва, којашто беше основана кон крајот на 1990-те години, како заедничка компанија Автофрамос, подоцна преименувана во Рено Россия.
Според министерот Мантуров, префрлувањето на акциите во АвтоВАЗ од страна на францускиот концерн се очекува да биде симболична „зделка за една рубља“
Рускиот министер посочува на можноста Renault да ги откупи акциите во следните пет до шест години, меѓутоа сите вложувања што ќе бидат направени во меѓувреме, ќе бидат фактурирани во вредноста на компанијата. „Тука нема да делиме подароци“, изјави Мантуров. Исто така се нагласува и дека не постојат преговори за кинески или јужнокорејски компании да учествуваат во капиталот на АвтоВАЗ.
Renault Arkana, кај нас Megane Conquest, еден е од моделите што се произведуваат во Москва

Коментирајќи за идниот чекор на францускиот концерн да го продаде мнозинскиот удел во рускиот производител на автомобили, Мантуров додаде: „Немаме планови да купуваме, ниту да национализираме. Но, доколку компанијата не е способна во моментов да се снабди со компоненти, не можеме да чекаме бесконечно. Принудени сме да најдеме решение“.
За продолжувањето на производството во АвтоВАЗ ќе се набавуваат компоненти главно од руските добавувачи. Новиот менаџмент на АвтоВАЗ ќе се избира заеднички од НАМИ и Ростех.
Производството на моделите Duster, Kaptur, Arkana и Nissan Terrano, коешто беше прекинато во март, нема да продолжи. Во погоните ќе се произведуваат други модели.
















