Топ-менаџментот на Volkswagen мора две години да вози ист автомобил

Volkswagen Arteon, Arteon Shooting Brake 00008

За да се седне во нов автомобил, денес е потребно многу трпение и дебел паричник. Тоа не важи само за новите автомобили од фабрика, туку и за користените автомобили, коишто исто така поскапеа драстично. Прво беше корона, потоа дојде чип-кризата, денес е војната во Украина. Освен чипови, сега на браншата хронично ѝ недостигаат и кабли.

Светот чека во редици пред фабриките за автомобили. Рокови за испорака на нов автомобил од една година не се реткост, а за некои модели дури и не може да се дочека ред. Mercedes-Benz E-Class е тотално распродаден до крајот на производството на актуелната генерација. Кој сака нов E-Class, ќе мора да чека ред за наследникот, којшто ќе доживее премиера в година. Ист е случајот и со некои од најпопуларните модели на Volkswagen. Оваа вонредна ситуација важи глобално, за целата бранша.

Од недостигот од чипови и кабли за најголемиот германски производител на автомобили не трпат последици само купувачите, туку и менаџментот на Volkswagen. На директорите во минатата недела им беше испратена е-пошта. Во писмото, водечките кадри на Volkswagen се известени дека времетраењето на користењето на службените автомобили, од сегашните 12 месеци, ќе мора да се продолжи двојно, на две години. 

Целта на оваа мерка е да се излезе во пресрет на купувачите. Место да се услужуваат директорите, местото и ресурсите за производство се отстапуваат за возилата што ќе ги нарачуваат клиентите.

Тоа не е прва остапка во Volkswagen. Уште пред неколку месеци, менаџментот се откажа од користење службени автомобили со електричен погон и се префрли на модели со обични мотори. Овој чекор беше преземен во корист на купувачите на електрични автомобили.

Volkswagen ќе гради фабрика за електричниот Trinity вредна 2 милијарди евра

Претходна објаваВозачи на електрични автомобили најзадоволни од Kia Niro EV
Следна објаваVolvo испрати нов софтвер „по воздух“ до 190.000 автомобили