Виена: Возовите при сопирање создаваат струја за ескалаторите

Железницата е вид на превоз што најмалку ѝ наштетува на животната средина. Големите градови дополнително применуваат интелигентни мерки за намалување на потрошувачката на електрична енергија. Дел од тие мерки се темелат на техника што ни е позната од автомобилите.

Новиот тренд во енергетската ефикасност во сообраќајот и воедно во заштитата на животната средина е „Рециклирање на струјата“. Тоа се однесува главно на повраток на енергијата што се ослободува при сопирањето. Идејата е таа енергија да се претвори во електрична енергија. 

Во јавниот превоз во австриската престолнина Виена веќе се одвива проектот „Brake Energy“. Станиците во метрото функцинираат како мали електрани. Колку е масивна енергијата што се ослободува при сопирањето, може да се посведочи најдобро на тркачките маратони, како 24 часа Леман, кога во ноќните часови се забележуваат вжештените сопирачки дискови на тркачките волиди. Предизвикот е таа енергија да се искористи, односно да се претвори во електрична енергија.

Електричната енергија што возовите ја произведуваат при сопирањето, во овие „Brake Energy“ постројки во станиците на метрото се насочува во електричната мрежа што ја користи виенската железница. Во постројките се врши трансформација на еднонасочната струја од сопирањето на возовите во наизменична струја. Сега главното: Оваа наизменична струја потоа се користи за ескалаторите и лифтовите, но исто и за осветлувањето на станиците.

Возовите во виенското метро сопираат илјадници пати во денот. Според градското сообраќајно претпријатие, на тој начин се „губат“ по три гигаватчасови енергија годишно. Тоа одговара на количината на електрична енергија што ја трошат 720 просечни домаќинства. Ако таа енергија се искористи, ќе се спречи емисија на 400 тони СО2 годишно.

Нови технологии за заштеда на енергија во јавниот градски превоз, исто и за намалување на трошоците, се применуваат и во други градови. Минхенското сообраќајно претпријатие има 770 ескалатори во станиците на градската железница, односно во метрото и во трамвајската мрежа.

Повеќе од половина милијарда патници годишно го користат јавниот превоз во Минхен. Сите овие патници ги користат ескалаторите. Насоката на движење и брзината на ескалаторите се регулира преку специјални уреди на фирмата Yaskawa. Станува збор за т.н. матрични конвертери, коишто овозможуваат енергијата на сопирање, односно енергијата што се создава при движењето на ескалаторите надолу, да се пренасочи во струјната мрежа. Таа се користи, на пример, за осветлувањето на станиците на метрото. Друга предност е тоа што не се потребни отпори за сопирање, а со тоа отпаѓа и потребата од ладење на компонентите. Во моментов сите ескалатори се опремени со матрични конвертери.

Батерии од електричните автомобили добиваат втор живот во градот Келн

Во јавното сообраќајно претпријатие на германскиот град Келн исто така се користи енергијата од сопирањето на возовите. Со таа енергија се полнат електричните автобуси и автомобили. Енергијата се акумулира во стотици батериски ќелии што претходно се користее во електричните возила. Станицата за акумулирање на енергијата од сопирањето на возовите се наоѓа во станицата во Беклемунд. Таму се наоѓа станица за полнење, што се користи за електрични автобуси и автомобили.

 

Претходна објаваToyota има произведено над 20 милиони електрифицирани возила
Следна објаваMercedes-Benz најавува премиера за Т-Class на 26-ти април

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here