Porsche Carrera GT: Купен за 450.000, продаден за 1,9 милион долари

Првиот сериски автомобил со монокок што целосно е изработен од карбон е Porsche Carrera GT. Уште многу нешта придонесоа овој модел на германската спортска марка да биде легендарен. Тој статус чини многу, примерок од Carrera GT неодамна доби нов сопственик на онлајн-наддавање.

Десет цилиндри во V, без турбонатполнење, зафатнина 5,7 литри. Тоа се основните податоци што го претставуваат суперспортскиот модел Carrera GT, што Porsche го произведуваше во почетокот на милениумов. Првично беа предвидени 1.500 примероци, меѓутоа фабриката во Лајпцих ја напуштија 1.282 примероци. Carrera GT се произведуваше меѓу 2003 и 2006 година.

За сетапот на овој историски важен автомобил беше задолжен лично Валтер Рерл, актуелен амбасадор на Porsche и прочуен рели возач. Цената на ново на болидот со 612 КС, во 2003 година изнесуваше 452.000 евра. Кој се надева дека денес може да дојде до легендата по пониска цена, погрешно се надева.

На онлајн-платформата „Bring A Trailer“ неодамна беше продаден примерок од Porsche Carrera GT, што прво бил во сопственост на американскиот комичар Џери Зајнфелд. Тој го купил автомобилот во 2005 година од дилер во Менхетен и го поседувал до 2011 година. Новиот сопственик на Porsche платил за зделката 1,865 милион долари, што според сегашниот курс изнесува близу 1,7 милион евра. Тоа е четирипати над цената на автомобилот во 2005 година.

Скапоцениот автомобил има поминато помалку од 6.000 километри. Зајнфелд не бил претерано избирлив околу дополнителната опрема, па дури и каросеријата е лакирана во релативно невпечатлива црна боја. Опциите сепак не се тоа што му даваат посебна вредност на овој автомобил.

Примерокот од Carrera GT во сопственост на славниот комичар не е единствен што денес вреди милиони. Пред кусо време, уште една Carrera GT доби нов сопственик, по цена од точно два милиони долари. Автомобилот има поминато одвај 400 километри.

Само неколку денови по наддавањето за автомобилот на Зајнфелд, друг примерок од Porsche Carrera GT постигна дури и рекордна вредност за моделот, на наддавањето на аукциската куќа Mecum. „Нивниот“ германски GT достигна 2,2 милиони долари. Бројачот покажува само 282 километри. Прашање е дали некој воопшто го возел својот суперспортски Porsche во сиве години досега?

Најдобриот одговор го дава примерокот од Porsche Carrera GT од 2004 година што е понуден на duPont Registry. Автомобилот има поминато само 27 милји, што значи 43 километри, и нормално, новиот сопственик ќе го чини најмалку 3,5 милиони долари.

Претходна објаваШтедливиот Mitsubishi во Германија се продава подобро од Ford Focus
Следна објаваКорона повторно: Фабриката на Tesla во Шангај ќе мирува подолго

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here