Mercedes-AMG стартува со нарачки за SL, а дизајнерот е…

Веста што важи за светот е дека заинтересираните купувачи на Mercedes-AMG SL сега може да го стават својот потпис на договорот за испорака на родстерот. За Македонија важи веста дека тоа е најновиот модел на Mercedes, што е дизајниран од нашиот Славче Таневски, кој подолго од десет години работи во германската компанија.

Точно со календарскиот почеток на пролетта, Mercedes-AMG стартува со нарачки за SL. Новото издание на иконата на автомобилската сцена, што влече корени од 300 SL, има платнен покрив и нагласено спортски карактер. Тоа значи дека SL се враќа кон своите корени, од луксузен крстосувач се враќа во улога на динамична машина за уживање во возењето.

Седиштата во конфигурација 2+2 дозволува кус престој на двајца патници на задната клупа. Родстерот со славна ознака првпат се нуди со погон на сите тркала, со целосно варијабилен AMG Performance 4MATIC+. Цената за првата моделска изведба, со ознака SL 55 4MATIC+ на германскиот пазар изнесува 158.240,25 евра, додека топ-изведбата SL 63 4MATIC+ добива сопственик по цена од 187.097,75 евра.

За спортскиот карактер придонесуваат и компонентите со напредна технологија, меѓу кои подвозјето AMG ACTIVE RIDE CONTROL со активно спречување на наведнувањето на каросеријата, потоа управуваната задна оска и керамичките сопирачки AMG што се вградуваат по нарачка. Дигиталните светла со проектирање симболи и пораки врз асфалтот пред возилото се стандард. Моторот е шампионски, тоа е AMG 4,0 V8 Biturbo.

Митот „SL“ годинава има голем јубилеј: Пред точно 70 години, во Штутгарт се појави еден спортски автомобил, што е легенда уште од раѓањето. Со тркачкиот 300 SL (W194), што можеше да се вози и по улица, марката Mercedes‑Benz во 1952 година почна да реди низа успеси по тркачките патеки ширум светот. Така моделското име SL брзо прерасна во мит.

По успешниот тркачки автомобил, во 1954 година следеше серискиот модел 300 SL (W198), којшто на сцената е познат како „Gullwing“, поради вратите што се отвораат нагоре. Следните поглавја во богатата историја ги испишаа „Pagode“ (W113, 1963-1971), евергринот R107 што се произведуваше дури 18 години (1971-1989), а по него и техно-луксузниот R129 (1989-1995).

Новата генерација на SL првпат се води како модел на Mercedes-AMG и комплетно е развиен во Афалтербах, во седиштето на спортската подмарка на Mercedes-Benz. Моторите се монтирани 100% рачно, според принципот на „One Man, One Engine“. 

Моќноста на 4.0 V8 во топ-моделот SL 63 4MATIC+ изнесува 430 kW (585 КС), а вреднсота на вртежниот момент достигнува максимални 800 Nm, уште при 2.500 вртежи. За спринт од место до темпо сто се потребни само 3,6 секунди, крајната брзина изнесува 315 km/h. Во SL 55 4MATIC+, моторот доаѓа до 350 kW (476 КС) и 700 Nm. Спринтот е незначително побавен, со 3,9 секунди до темпо сто. Крајната брзина е 295 km/h.

Напредни технологии за максимум уживање, комфор и безбедност

Менувачот кај двата модели е AMG SPEEDSHIFT MCT 9G, со екстремно кусо менување на степените. Погонот на сите тркала AMG Performance 4MATIC+ се грижи и за врвна динамика и за безбедност. Првпат сериски модел на Mercedes‑AMG добива предна оска со пет водилки. Тоа значително ја подобрува кинематиката. Задната оска исто така користи конструкција со 5 водилки.

SL 55 4MATIC+ се испорачува со ново подвозје со челични пружини AMG RIDE CONTROL, со посебно ефикасни алуминиумски амортизери и ниска тежина на највојните пружини. Кај него е опција, а кај SL 63 4MATIC+ е стандард: Подвозје AMG ACTIVE RIDE CONTROL со активно, хидраулично стабилизирање на каросеријата. Ова подвозје гарантира врвни својства во поглед на динамиката, прецизноста и повратните информации. Исто се подобрува и комфорот во возење, како и при минување преку нерамнини.

Првпат во историјата, SL стандардно е опремен со активно управување на задната оска (HAL). Зависно од брзината, задните тркала или се завртуваат спротивно од предните (до 100 km/h) или во ист правец со нив (над 100 km/h). 

За каросеријата може да се избира меѓу 12 бои, вклучувајќи ги ексклузивните бои хиперсина металик и монца сива магно, којашто е во понуда на специјализираното одделение Manufaktur. За покривот стојат на располагање три варијанти на боја.

„Handcrafted in Bremen“: Новиот SL се монтира во најсеверната фабрика на Mercedes-Benz во Германија

Исто како претходникот, новиот SL се изработува во фабриката за монтажа во Бремен. Тоа е прв независен модел на Mercedes‑AMG, што се изработува во оваа престижна фабрика. Рачно склопените мотори пристигаат од Афалтербах.

Mercedes-AMG SL со потпис на Славче Таневски е „сон на соништата на секој дизајнер“

Претходна објаваЛетечка топка како превозно средство ја освои наградата за дизајн на Lexus
Следна објаваPeugeot e-208: Наследство долго 50 години и продукција од 25 милиони примероци

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here