за

Peugeot e-208: Наследство долго 50 години и продукција од 25 милиони примероци

Peugeot со електричната изведба на 208 направи возењето на струја да не биде привилегија и понуди електричен автомобил што е без ограничувања во секојдневието. Имаше многу работа за тоа да се постигне.

Педесет години, половина век, толку време е поминато откако Peugeot во 1972 година излезе пред светот со Peugeot 104. Од тој автомобил почнува низата што води точно по нагорна линија до денешниот модел 208, кој патем сењ нуди и во електрична изведба. Очигледно е дека многу нешта се смениле во меѓувреме. Французите за 50 години му дадоа на светот повеќе од 10 генерации модели од градската класа и 25 милиони лавчиња.

Градските автомобили му се важни на овој свет. Тоа се автомобили со коишто многумина го постигнуваат својот влез во светот на личната мобилност. Модели што донесуваат слобода, во движењето, и општо во секојдневието. Со други зборови, автомобили што им го менуваат животот на луѓето, и тоа во најважните години во животот. Сето тоа, 25 милиони пати, не вклучувајќи го пренесувањето на сите тие автомобили во рацете на следните сопственички и сопственици.

Со Peugeot e-208, француската марка понуди влез во светот на електромобилноста на широк круг луѓе. Место возењето на струја да биде привилегија и луксуз за купувачите што можат да си дозволат Tesla Model S или X, електричниот e-208 се нуди како алтернатива на моделите со мотори со внатрешно согорување, исто како што пред долги децении дизелите беше алтернатива во однос на бензинците – сето тоа, нормално, во нормални европски услови, во коишто и државата учествува со субвенции, заради помагање на продажбата на возилата на струја.

Меѓу Peugeot 104 од 1972 година и Peugeot 208 од 2022 година, десет генерации градски модели го пренесуваа наследството. Како што ценат во марката со лавот, „целта секогаш беше истата, да се понудат автомобили што на најширок круг луѓе им овозможуваат пристап до комфорен, безбеден, практичен, стилски автомобил, а денес и автомобил што е тивок и почист од кога било досега.

New item by Automedia MK / Google Photos

Основоположникот на оваа успешна низа е Peugeot 104, многустран, но компактен автомобил. За да излезе во пресрет на потребите на купувачите, Peugeot отсекогаш имаше два типа градски автомобили, едните малечки и едноставни, но пак стилски, другите нешто поголеми, со многу можности за надградба, па дури и со солидна доза на луксуз. Модели за обожуватели на градските автомобили.

А, сето тоа изгледаше вака:

Серија градски автомобили 200

PEUGEOT 205 (1983-1998): Голема бројка, навистина

New item by Automedia MK / Google Photos

PEUGEOT 205 ја внесе марката во новата ера. Со дизајнот, перформансите, разновидноста (бензин, дизел, 3 или 5 врати, кабриолет, специјални серии со многу опрема), тоа беше автомобил за секого. Димензијата на каросеријата долго време беше мерило во класата: 3,70 метри! Во средината на 1980-те години, успехот на моделот му обезбеди излез на Peugeot од финансиската криза и донесе нов живот за француската марка. Верзиите GTI, со 105, 115 и 130 КС, ги усреќуваа љубителите на спортските автомобили. Секако имаме и домашно поглавје поврзано со 205 GTI, кога неколку дузини од спортскиот модел, кусо пред завршетокот на производството на моделот, беа обезбедени од страна на македонски Еуроимпекс, потег што предизвика вистинска еуфорија меѓу фановите. Тие автомобили и денес се возат, не е изненадување да се сретне 205 GTI по македонските улици.

– Должина: 3.71 m (3 и 5 врати)

– Дијапазон на моќност: 45 до 200 КС

– 5,278,050 примероци

PEUGEOT 206 (1998-2012): најпродаваниот француски автомобил на сите времиња!

Peugeot 206 е вистински „ангелски број“ на француската марка. Со повеќе од 8 милиони примероци, тоа е најпродаваниот француски автомобил на сите времиња. Привлечниот изглед и динамичните возни својства направија овој модел да напише едно од највпечатливите поглавја во автомобилската историја. Гамата беше збогатена со комби изведбата 206 SW и посебно со CC, купе и кабриолет во едно, благодарение на преклопливиот метален покрив. Тоа што 205 го постигна во светското рели, со титули во 1985 и 1986 година, Peugeot 206 го продолжи со три титули во светското првенство во рели меѓу 2000 и 2003 година. Светот уште ја помни рекламата со индискиот „Скулптор“ на Peugeot 206. 

– Должина: од 3.83 m (3 и 5 врати) до 4.03 m (SW)

– Дијапазон на моќност: 60 до 177 КС

– 8,332,416 примероци

PEUGEOT 207 (2006-2014): пораснат во сите правци

Со лансирањето на PEUGEOT 207, француската марка ги постави своите градски модели во повисоката сфера во сегментот. Со должина од 4,03 метри, што е 20 cm повеќе од 206, новиот модел понуди значително повеќе простор и во кабината и во багажникот. Завршната изработка и комфорот исто така беа значително подобрени. Разновидноста од моделски изведби беше задржа, со комби SW и секако со купе кабриолетот 207 CC.

– Должина: 4,03 m (3 и 5 врати) или 4,16 m (SW)

– Дијапазон на моќност: 70 до 175 КС

– 2,573,523 примероци

PEUGEOT 208 I (2012-2020): воведување на i-Cockpit

Првата генерација на PEUGEOT 208 повторно имаше компактни димензии блиску до 205, а кабината беше попросторна од 207. Моделот донесе и нов дизајн, различен од 206/207. Најголемите промени сепак се случуваа во внатрешноста. Peugeot го воведе новиот концепт на i-Cockpit, осмислен во насока на уживањето во возење. Спортското наследство се почитуваше и во оваа генерација, 208 GTI е прв големосериски автомобил од градската класа со моќност над 200 КС.

– Должина: 3.97 m (3 и 5 врати)

– Дијапазон на моќност: 68 до 208 КС

– 2,158,177 примероци

PEUGEOT 208 II (2019-…): впечатлив и електричен

Со втората генерација на 208, PEUGEOT својствено го одбележа влегувањето во 2020-те години. Изгледот е силен адут на моделот, со дизајнерски елементи и цитати што се пренесуваат од Peugeot 508 и 3008. Тоа што му дава посебен печат на моделот е формата на задните прозорци и беџовите на задните кровни столбови, по пример на Peugeot 205. Најважниот момент кај моделот е воведувањето изведба со чисто електричен погон. Од лансирањето, дури 16% од сите произведени примероци од 208 II се во изведбата со погон на струја. Тоа се далеку над 120.000 електрични е-208. Секако дека автомобил со вакви квалитети не можеше да ја пропушти титулата на Автомобил на 2020 година во Европа. За повеќестраноста на Peugeot 208 сведочат и нашите две репортажи во мариовскиот крај, еднаш со Peugeot 208 со бензински мотор до Витолиште, а потоа и со електричен Peugeot e-208 до Градешница.

– Должина: 4,05 m (5 врати)

– Дијапазон на моќност: 75 до 136 КС

– 777,410 произведени до денес

Серија градски автомобили 100

PEUGEOT 104 (1972-1988): голем PEUGEOT во мало пакување

New item by Automedia MK / Google Photos

„Цели 3,58 метри Peugeot!“ Така гласеше рекламата за моделот, едноставна и јасна. Првпат малечок автомобил со 4 врати понуди комфор, просторност, безбедност и перформанси на модел од повисока класа. Французите дури понудија и покуса изведба, со 3 врати. Тоа не беше само градски автомобил, туку беше пред сé Peugeot, тоа впрочем го порачуваше и рекламата.

– Должина: 3,30 m (3 врати) или 3,58 m (4 врати)

– Дијапазон на моќност: 46 до 93 КС

– 1,624,992 примероци

PEUGEOT 106 (1991-2003): градски… и исто така електричен

Со модерниот дизајн и со просторната кабина, во комбинација со значително покуса каросерија од Peugeot 205, овие два модели долго време ги чешаа рамениците во своето пазарно присуство. На широката понуда од бензинци и дизели, дури им се придружи и електирчна изведба во 1995 година. Батерија никел-кадмиум овозможуваше досег до 90 километри. Сето тоа се случуваше 25 години пред PEUGEOT e-208! Еуроимпекс го овековечи и овој модел, со домашно историско поглавје, со купот со Peugeot 106 Rally.

– Должина: 3,58 m (3 врати) или 3,68 m (5 врати)

– Дијапазон на моќност: 45 до 120 КС

– 2,798,246 примероци

PEUGEOT 1007 (2004-2009): далеку пред своето време

New item by Automedia MK / Google Photos

PEUGEOT 1007 донесе бројни иновации. Прво, двете лизгачки врати со електричен погон беа премиера во браншата. Потоа, каросеријата во форма на ван нудеше одлична просторност на мала должина на кароседријата. Посебност на моделот беа и бројните можности за сопствениците да му дадат сопствен стилски печат на автомобилот. Тогаш никој не нудеше слична опција, што денес е речиси стандард во браншата. Но, некогаш не е вистинско време да се биде пред времето. Peugeot 107 не наиде на успехот на којшто се надеваа менаџерите.

– Должина: 3,73 m (3 врати)

– Дијапазон на моќност: 70 до 110 hp

– 124,200 примероци

PEUGEOT 107 (2005-2014): малото е убаво

PEUGEOT 107 даде силен импулс на автомобилите од класата, со симпатичниот изглед, со предимензионирани предни светла и со оригиналното решение на стакло што служи како поклопец на багажникот. Тоа е најмалечкиот модел на Peugeot што имал 5 врати и бил регистриран за четворица патници. Малечок автомобил, голем успех.

– Должина: 3.43 m (3 и 5 врати)

– Дијапазон на моќност: 54 или 68 КС

– 819,062 примероци

PEUGEOT 108 (2014-…): созревање

PEUGEOT 108 е како PEUGEOT 107 што созреал. Димензиите одвај дека се сменија, а токму тие беа заслужни во голема мера, за едноставното секојдневие со овој автомобил во градскиот метеж. Во опремата и изработката, 108 повеќе се приближи до моделот 208. Се нуди и изведба со платнен покрив.

– Должина: 3.46 m (3 и 5 врати)

– Дијапазон на моќност: 69 до 82 КС

– 427,968 примероци

Најубавата Французинка вози електрично Peugeot e-208

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes-AMG стартува со нарачки за SL, а дизајнерот е…

Mitsubishi Space Star во тркачките бои на Ralliart