Tesla уште чека одобрение за фабриката во Берлин

Калифорнискиот производител на електрични автомобили Tesla, на 13-ти февруари пред две години започна со сеча на шума на површина од 90 хектари на локација во близина на Берлин. Се подготвуваше теренот за првата европска фабрика на Tesla. Според официјални податоци, надоместено е со пошумување на површина од близу 300 хектари. Фабриката сепак се соочува со проблеми што главно се поврзуваат со животната средина.

Во атарот на општината Гринхајде, на 30 километри оддалеченост од Берлин, се издигнува импозантната градба на фабриката за електрични автомобил на Tesla. Но, фабриката чијшто старт основачот Илон Маск го најави веќе лани, уште не почнува да работи. Уште недостига конечното одобрение од германската сојузна покраина Бранденбург. Министерството за животна средина на покраината јавува дека тоа „ќе потрае уште некое време“. Активистите за животна средина уште спорат за можните последици и за високата потрошувачка на вода во фабриката за автомобили и батерии. Уште е неизвесно, кога првиот Tesla Model Y ќе излезе од фабричката лента.

Одлуката донесена кон крајот на 2019 година, за фабриката да се гради во Германија, првично беше пречекана со одушевување. Нова индустрија, нови работни места, до 500.000 електрични автомобили годишно. Премиерот на Брандебург, Дитмар Војдке (СПД), тогаш зборуваше за една од „најголемите инвестиции во историјата на нашата покраина“.

Политичарите најавуваа дека фабриката ќе привлече голем број компании во Берлин, а се покажуваше одушевеност и од брзината на изградбата на фабриката. Концернот ветуваше и стручна квалификација на 100 до 150 работници годишно. Tesla моментно има 2.300 вработени лица. Околу 200 невработени лица добија ветување дека ќе добијат вработување во фабриката на Tesla, од кои половината ќе минат стручна квалификација во компанијата.

Критичарите стравуваат за последици врз снабдувањето со питка вода

Значи, сé е во ред. Далеку е од тоа, според активистите за животна средина и критичарите на Tesla. Тие се загрижени поради тоа што дел од фабриката лежи во подрачје на заштитени води, што носи опасност од нивно загадување. Покрај тоа, потрошувачката на вода на фабриката од 1,4 милиони кубни метри годишно, може да влијае врз снабдувањето со питка вода во целиот регион. Здружение на активисти за животна средина, за тоа има поднесено тужба до Управниот суд во Франкфурт на Одра.

Вина за одложувањето со почетокот на производство има и самата Tesla, затоа што прво беше најавена само фабрика за автомобили, а подоцна се придружи и фабрика за батерии. Од Зелената Лига за подрачјето на Бранденбург, реагираат дека поднесената документација на Tesla е непотполна или изменета. Државните служби проверуваат евентуални недостатоци, затоа што критичарите демнат да се појават формални пропусти и да навалат со тужби.

Добивката на Tesla се зголеми драстично во минатата година

Бизнисот на Tesla се одвива одлично и покрај глобалната криза со чипови и проблемите во синџирот од добавувачи. По долги години во загуба, Tesla лани конечно ја забележа втората година во добивка по основањето во 2003 година. Концернот на Илон Маск заработи 5,5 милијарди долари (4,8 милијарди евра), а тоа е за 665 проценти повеќе отколку преклани. Добивката се зголеми за 71 процент, на 53,8 милијарди долари.

Во нашиот онлајн-каталог Автосалон МК можете да ги погледнете сите автомобили со електричен погон што увозниците на автомобислктие марки ги имаат во редовна понуда на македонскиот пазар

Inventory

Конкуренцијата притиска. Концернот Volkswagen и американскиот General Motors вложуваат милијарди во електричните автомобили и инфраструктурата. Tesla зависи многу од новите фабрики во Берлин и во Остин/Тексас, за да продолжи со раст и да ја одбрани својата позиција на пазарот.

Од локалната граѓанска иницијатива во меѓувреме најавуваат дека ќе продолжат со протести, дури и по добивањето на одобрението за фабриката на Tesla во Берлин.

https://youtu.be/nFlMvNOu6b8

 

Претходна објаваMercedes-Benz лани заработил 14 милијарди евра
Следна објаваVolvo Cars постигна рекордна заработка во 2021 година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here