Уште ги гледаме по улиците: Овие модели станаа 30-годишници

Бројни модели што ни претставуваат секојдневие по македонските улици в година ќе навршат три децении откако производителот ги пуштил со продажба. Времето минува и за тие автомобили што се гледаат ретко или се познаваат само на слика, но тоа не менува ништо, ова е повод да се присетиме на нив.

Според државната статистика, во Македонија во 2020 година биле регистрирани 429.000 патнички автомобили. Просечната старост изнесува 19,4 години, што е значителна промена во споредба со 2008 година, кога просечната старост изнесувала 15,4 години. Соодветно се променил и бројот на автомобили постари од 10 години.

Во 2008 година, кога Македонија масовно возеше „206“, Punto и Polo, возилата постари од една деценија броеле 176.000 примероци. Во 2020 година, нивната бројност достигнала 379.000 примероци. Според тоа, од вкупно 429.000 патнички автомобили, 379.000 примероци се постари од десет години. Реално, најголемиот дел од тие возила се постари и од 20 години, а многу е веројатно дека в година ќе одбележат 30-годишнина.

Кои се тие славни модели што првпат се појавиле во продажните салони на автомобилските марки во 1992 година?

Не сме далеку во бројот на стари автомобили по македонските патишта да ја достигнеме Германија, земјата од којашто во најголем дел потекнуваат старите возила, пред да бидат префрлени на македонски регистерски таблици. За споредба, во Германија во почетокот на годинава биле регистрирани 584.509 автомобили што се постари од 30 години.

„Мала“ разлика е тоа што автомобилите со таква старост во Германија добиваат статус на олдтајмер и посебни таблици, со „H“ за „History“. Тие таблици им овозможуваат на сопственичките и сопствениците на историските автомобили да пристапуваат и во зони на заштитена животна средина, каде што инаку би им бил забранет пристап поради високата емисија на штетни материи. Но, услов за стекнување право на таблица „Н“ е возилото да биде во совршена техничка состојба. Тоа е веќе друга тема.

Во продолжение 10 култни модели што во 2022 ќе станат триесетгодишници

BMW M3 (E36)

Втората генерација на BMW M3 (E36) стартуваше во 1992 година со шестцилиндарец што посебно беше развиен за моделот, со моќност од 286, а подоцна и со 321 КС. Освен во купе изведба, M3 се нудеше и како кабриолет и лимузина. Од моделот се произведоа вкупно 71.242 примероци од M3 (E36). Цените за само неколку години се удвоија, за просечно одржуван примерок на германскиот пазар се бара најмалку 30.000 евра.

Renault 25

Моделот од средната класа со голема кабина и со голем заден поклопец пристигна во замена за Renault 25. Комфорниот крстосувач доби нови и современи мотори во јули 1996 година. Спротивно од очекувањата, моделот се покажа како мошне издржлив и сигурен од дефекти.

Audi 80 (B4)

Комби изведбата Avant на Audi 80 (B4) се појави една година по премиерата на лимузината. Моделот се произведуваше до 1995 година, вклучувајќчи ги спортските изведби S2 со 230 КС и култниот RS2 со 315 КС. Автомобилот е изработен квалитетно и важи како издржлив, а во случај кога ќе затреба, пазарот е добро снабден со резервни делови.

Volkswagen Vento

Лимузинската изведба на VW Golf доби и ново име Vento, во замена за Jetta. Легендарен е багажникот со зафатнина од 550 литри. Моделот се произведуваше до 1998 година, до наследникот кој го доби името Bora.

Subaru Impreza

Subaru во 1992 година ја стартуваше новата моделска серија Impreza. Автомобилот со четирицилиндарски боксер и погон на сите тркала послужи како основа за рели-болидот, кој победуваше трипати во низа, во 1995, 1996 и 1997 година.

Mazda RX-7

Третата генерација на спортскиот модел со ванкел мотор се продаваше во Европа меѓу 1992 и 1996 година. Покрај несекојдневниот ванкел мотор со два ротирачки клипа, Mazda RX-7 се одликува и со впечатлива каросериска форма, вклучувајќи преклопливи предни светла. Цената беше астрономска, купето своевремено се продаваше по цена од 85.000 марки во Германија. Историските примероци моментно чинат најмалку 30.000 евра.

Toyota Corolla

Toyota Corolla од генерацијата E10 пристигна во Европа во 1992 година, во лимузинска, комби и комбилимузинска изведба со три или пет врати. Не е ново за марката, тоа што Corolla без проблеми ги живее своите 30 години и што на истиот начин ќе проживее уште толку. Единствено треба да се внимава да не биде кородиран делот околу арките на крилата.

Alfa Romeo 155

Италијанската легенда навршува 30 години. Кинестиот дизајн на Alfa Romeo 155 беше нешто ново за алфистите, но исто и техниката. Тоа беше прв модел на Alfa со преден погон. Многумина љубители на марката останаа разочарани од напуштањето на традицијата на заден погон. Корозијата не е проблем како кај постарите модели на Alfa, но електриката умее да го загорчи животот на сопствениците.

Maserati Ghibli

Фината спортска марка од Болоња имаше модел Maserati Ghibli уште во 1966 година. Новиот модел под истото име се произведуваше од 1992 до 1997 година. Прочуениот „Biturbo“ се цени по шестцилиндарскиот мотор со моќност меѓу 284 и 334 КС. Вкупно се произведоа 2.183 примероци. Секако дека Ghibli денес е реткост, но и се цени како таков.

Mercedes S-Class Coupe (C 140)

Купето со традиционалната ознака SEC се појави една година по премиерата на новата S-Class (W140). Техниката беше мошне напредна, но сцената критикуваше за големината, тежината и нападноста на моделот. Денес автомобилот изгледа сосем угледно покрај напливот од џиновски СУВ по улиците. Луксузното купе е избор само за вистински познавачи, затоа што одржувањето и поправката може да бидат мошне скапи и автомобилот мора внимателно да се прегледа пред купувањето.


Каков е соодносот меѓу новите модели автомобили што се нудат на македонскиот пазар, можете во секое време да погледнете на нашиот онлајн-каталог https://avtosalon.mk/

Претходна објаваЕлектричен камион со пантограф нема потреба да полни батерија
Следна објаваУште еден автомобил на Seres i Huawei

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here