Организацијата Euro NCAP ги обави резултатите од последната серија тестовите за 2021 година. Вкупно беа тестирани 11 нови модели. За некои производители има многу добри вести, за некои вестите се многу лоши.
Седум од вкупно 11 модели кои штотуку стартуваат на пазарот освоија максимални пет ѕвезди при проверката на безбедносста во Euro NCAP. Тоа е добар знак што укажува дека денешните автомобили генерално постигнуваат мошне високо ниво на безбедност. Но, што е со четирите останати модели кои не минаа со највисока оцена?
Пет ѕвезди освоија целосно електричниот BMW iX, корејските премиум модели G70 и GV70, електричниот луксузен крстосувач Mercedes-EQ EQS и Nissan Qashqai, но и „народските“ модели Škoda Fabia и Volkswagen Caddy. Сосем пристојни четири ѕвезди има и за електричниот Fiat 500e и за кинескиот модел со големо британско ими, MG Marvel R. Годината заврши лошо за Dacia Spring и за освеженото моделско годиште на Renault Zoe, првиот со една, вториот без каква било ѕвезда. Од француската марка со долга традиција на врвни резултати на Euro NCAP, секако дека се очекуваше повеќе.
-
BMW iX – 5 ѕвезди
-
Genesis G70 – 5 ѕвезди
-
Genesis GV70 – 5 ѕвезди
-
Mercedes-EQ EQS – 5 ѕвезди
-
Nissan Qashqai – 5 ѕвезди
-
Škoda Fabia – 5 ѕвезди
-
VW Caddy – 5 ѕвезди
https://photos.app.goo.gl/XayFbMMzvmzX5HYW6
Иако доаѓаат од различни сегменти и се разликуваат и во видот на погонот, седумте модели со по пет ѕвезди сите ги поминаа тестовите со одлични оцени. Се проверува заштитата на пасивните и активните системи при судир, но и делотворноста на системите со задача да го спречат судирот.
Fiat 500e и MG Marvel R се доказ дека безбедноста не мора да се поврзува со големината или со цената на автомобилот
Со системите за асистенција се издвојува новиот Nissan Qashqai, додека во поглед на заштитата на возрасните патници и децата брилјира Mercedes-EQS. Четирите ѕвезди за Fiat 500e и за комплетно новиот MG Marvel R, секако дека не е резултат што треба да се премолчи.
-
FIAT 500e – 4 ѕвезди
- MG Marvel R – 4 ѕвезди
https://photos.app.goo.gl/35a7pGgd5SD5LCLt5
Мишел ван Ратинген, главен секретар на Euro NCAP, коментира за резултатите: „Браво за тие производители што на клиентите им даваат ниво на бебедност какво што тие очекуваат. Овие резултати уште еднаш докажуваат дека безбедноста е главно во добриот инженеринг, а не е во видот на погонот или во цената.“
- Dacia Spring – 1 ѕвезда
-
Renault ZOE – 0 ѕвезди
https://photos.app.goo.gl/YtsrCDmxNYByLMV68
Renault беше меѓу првите производители што понудија електричен автомобил по достапна цена во 2013 година. „Новиот“ Zoe, како моделско освежување во 2020 година, донесе неколку подобрувања во батеријата, но безбедноста не напредуваше. Напротив, претходно вградуваната странична воздушна перница во самото седиште, сега е заменета со помалку делотворна воздушна перница што го штити само градниот кош и тоа води кон намалување на безбедноста. Новиот Zoe генерално нуди слаба заштита при судир, слаба заштита за велосипедистите и пешаците, а му недостига и технологија за спречување судири. Затоа, овој Renault не освои ниту една ѕвезда.
За жал, не е многу подобро и за Dacia, којашто е подмарка на Renault. Електричниот Spring, што се рекламира како сосем нов модел, реално се базира врз кинескиот Renault City K-ZE, кој самиот е произлезен од проблематичниот Renault Kwid. Тој автомобил првично беше замислен да се продава во Индија и Бразил.
Dacia има убедени подржувачи ширум Европа, кои веруваат дека автомобилите треба единствено да се евтини и не треба да се плаќа за системи што се непотребни во автомобилот. Со Spring, „мајсторите на оскудниот инженеринг“ понудија во продажба автомобил што претставува сериозна опасност.
Голема е опасноста возачот да здобие тешки повреди при челен судир, а исто и заштитата при страничен судир за градниот кош на возачот и за главата на патникот назад е незадоволителна. Поради тоа, Dacia Spring освои само една ѕвезда.
Мишел ван Ратинген коментира: „Renault порано беше синоним за безбедност. Laguna беше прв автомбоил што освои пет ѕвезди, уште во далечната 2001 година. Но, овие разочарувачки резултати за Zoe и за Dacia Spring покажуваат дека безбедноста стана колателарна штета во транзицијата на групацијата кон електрични автомобили. Пред само неколку месеци, Dacia убедуваше дека се ‘преокупирани за псотојано подобрување на безбедноста на патниците’ и дека нивните автомобили поседуваат се сé побезбедни. Тоа очигледно не е случај: не само што овие автомобили не нудат какво било прифатливо ниво на активна безбедност како стандард, туку и заштитата на патниците е послаба од кое било друго возило што сме го тестирале во сиве години. Цинично е на клиентите да им се нуди зелен автомобил по достапна цена, по цена на повисока опасност од повреда во случај на незгода. Останатите модели, како Fiat 500e, неодамна наградена со 5 ѕвезди на Green NCAP, покажуваат дека безбедноста не мора да се жртвува со чистота за животната средина.“
















