за

Toyota Corolla TS со кумовски благослов од Suzuki

Во салонот на Suzuki во Скопје е изложен автомобил што навидум ја прикажува марката во ново светло. Swace е Corolla TS со сменет знак, но токму тоа го прави овој модел посебен.

Suzuki е далеку од непозната марка на македонскиот пазар. Уште помалку е недокажана. Сцената ја цени јапонската марка по издржливоста, штедливоста, одличната противвредност, Suzuki генерално ужива имиџ што некои марки допрва треба да го изградат. Во тој имиџ сега се вклучува и соработката со Toyota, а првиот конкретен модел што го покажува партнерството е Suzuki Swace.

Секој модел на Suzuki е препознатлив во својата класа. Swift доаѓа со спортски стил во класата на Yaris и компанија, Ignis е волшебник со неверојатно голема просторна понуда за димензиите на каросеријата, Vitara беше меѓу првите модели во бранот спортски теренци, уште пред сегментот да добие име СУВ, додека SX4 S-Cross постави стандарди за кросовер што важат до денес. Врв на оригиналноста на Suzuki, повеќе и на храброста за работите да се направат поинаку, тоа е Jimny.

Во оваа внимателно создавана слика за Suzuki, сега пристига еден модел за којшто 99% е очигледно дека станува збор за Toyota Corolla Touring Sports, со лого на Suzuki и со име Swace. Прашањето е истото. Зошто Suzuki вклучува модел на Toyota? Не е кој било модел, туку е комби-изведба од најпродаваната моделска серија на Toyota, од Corolla.

New item by Automedia MK / Google Photos

Претпоставките може да бидат најразлични, но вистинското образложение може да биде само едно. Suzuki Swace вози исклучиво во изведба со хибриден погон, со специјалитетот на Toyota, кој важи и во ова време што се чини дека им припаѓа на хибридните-електрични и чисто електричните автомобили. Тоа е воедно и објаснувањето. Ниската емисија на СО2 на Swace ќе му овозможи на Suzuki да ја спушти просечната емисија на СО2 за целиот свој возен парк за тие неколку грами што го надминуваат ЕУ-лимитот од 95 грами.

Целта на воведувањето на хибридниот Swace во понудата на Suzuki е првенствено намалување на просечната емисија на СО2 пред Комисијата на ЕУ

Доколку просекот од емисијата на СО2 на сите возила што Suzuki ги продава е само еден грам над лимитот од 95, тогаш јапонскиот производител ќе мора да плаќа казна во висина од 95 евра по секој продаден автомобил. Тоа брзо може да станат неколку милиони евра, што Комисијата на ЕУ ќе го наплати од Suzuki. Истото важи и за Mercedes-AMG и за BMW M GmbH, за Ferrari, па и за Toyota. Но, разликата е во тоа што стотината евра ЕУ-казна, што премиум и ексклузивните марки без проблем ќе ги вклучат во цената на автомобилот, кај Suzuki ќе се забележуваат многу повеќе во цената.

New item by Automedia MK / Google Photos

За тоа да се избегне и воедно марката да има поголема слобода околу проширувањето на својата понуда во иднина, тука е Suzuki Swace. Марката со големото S веќе има во понуда уште еден модел на Тoyota, тоа е Across, целосно истоветен со RAV4, со посебна погонска верзија на шампионот на Toyota. Во големиот Across работи приклучен хибриден погон, со системски 306 КС и со емисија на СО2 од само 22 g/km, според нормата WLTP. Дали Across, вреден најмалку 50.000 евра, со врвен погон и со суперопременост, ќе се најде во салонот на Миркат во Скопје, тоа веројатно зависи од реакцијата што пазарот ќе ја покаже кон комбито Swace.

Изведбата на Suzuki е препознатлива по маската во шестаголна форма, слична на Swift & Co

Промените во изгледот на Swace во споредба со Corolla TS се однесуваат единствено на предниот браник, вклучувајќи го логото во маската, секако. Светлата се исти, напред и назад. Во внатрешноста исто така нема позабележливи разлики. Функционалноста на багажникот со шампионски 596 литри е беспрекорна. Посебен впечаток остава нивото на опременост. 

New item by Automedia MK / Google Photos

Со цената од 26.990 евра за нивото на опрема GL+, Suzuki Swace реално е над првата моделска изведба на Toyota Corolla Touring Sports 1.8 Hybrid со 23.290 евра за нивото на опрема Comfort. При споредба на опременоста, GL+ на Swace повеќе одговара со нивото Executive на Corolla TS. Во тој случај, цената на двата модели е идентична. Во салон сигурно ќе имаат подетален опис во тој поглед.

Toyota учествува со 5% во акциите на Suzuki, соработката меѓу двете компании ќе биде уште повидлива во следните години

Целта на Suzuki Swace сепак не е да биде подостапна од Toyota Corolla, а многу е веројатно и дека нема да се случува „канибализација“ меѓу двата модели, па купувачите на Toyota да појдат веднаш во салон на Suzuki. Меѓутоа, секогаш е посебно задоволството да се вози уникат. Македонскиот пазар сигурно нема да остане на едно продадено возило, така што приказната со уникатот не важи. Но, и „речиси уникат“ е доволно добро.

Цените, комплетните технички податоци, опременоста на Suzuki Swace, секако дека ќе ги најдете на Avtosalon.mk.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тоа е веќе ново: Renault со лоши оцени на Euro NCAP

Whirlpool го претвори Peugeot Expert во кујна на тркала