Toyota му додаде фактор X на новиот Aygo

Toyota Aygo е еден од автомобилите што не се забележуваат премногу во уличната слика, но одлично си ја вршат работата. Во време кога повеќето производители ја изоставуваат класата, Toyota презема чекор за Aygo во иднина да стане многу повпечатлив, како кросовер Aygo X.

Малечките автомобили не им се посебно омилени на производителите. Развојот на нова генерација на градско мини чини исто колку модел од B-сегмент, веројатно и C-сегмент, а заработката е минимална. Решение е развојните трошоци и производството да се поделат меѓу повеќе производители. Така се случи триото Citroen C1 – Peugeot 108 – Toyota Aygo, исто е случај со VW Up, Skoda Citigo и Seat Mii (иако моментно само Up е на пазарот), потоа Renault Twingo – Smart Forfour, Fiat 500 – Ford Ka, постојат бројни примери.

Во меѓувреме, картите се мешаат повторно. Toyota се издвои од Citroen и Peugeot во проектот C1-108-Aygo, затоа што Французите ќе работат на заеднички модел во соработка со Fiat, како марки на групацијата Stellantis. Фабриката во Чешка, каде што се произведуваше триото, веќе извесно време е во сопственост на Toyota, а таму ќе се произведува новиот Aygo, Aygo X.

Мини-кросоверот доаѓа на местото на Aygo, развиен е, дизајниран и ќе се произведува во Европа. Toyota го најавува новиот Aygo X како компактен автомобил што е лесен за возење во градскиот метеж, поседува напредни технологии, троши малку и побудува емоции. Тоа е воедно и првиот впечаток, се гледа дека во оваа кола е вложено многу внимание, очигледно е направена со љубов.

Техниката доаѓа од платформата GA-B, позната од Yaris, актуелен носител на титулата на автомобил на годината во Европа, и од новиот Yaris Cross. Концептот на Aygo X е резултат од истражувањето на Toyota, коешто покажа дека европските купувачи сакаат автомобил со модерен дизајн, што соединува впечатлива појава и мали димензии.

Дизајнирањето и развојот се дело на центарот ED2 на Toyota, во Ница, Франција. Серискиот автомобил беше најавен преку студијата Aygo X prologue. Производителот тогаш порачуваше дека „Aygo внесува лутина во сегментот“, со студијата лакирана во чили-црвена боја.

Секој заслужува да вози кул автомобил. Кога ќе го погледнам Aygo X prologue, можам да кажам со гордост: Тимот на ED2, со овој концептен автомобил успеа да направи такво возило. И ме фасцинира кога ќе видам дека тој воведува револуција во својот сегмент.

Јан Картабијано, директор за дизајн во ED2-центарот на Toyota во Европа

Впечатлив детал е линијата на покривот, што ја нагласува клинестата форма на каросеријата и дава спортска нота. Предните светла пренесуваат порака дека станува збор за автомобил со модерна технологија. Од долниот раб продолжува еден ефектен појас кон „маската“, што Aygo X ја нема. Во браникот е изведен масивен отвор за воздух, малечки тркалезни магленки долу го заокружуваат стилот. Сé е направено со невообичаено многу внимание за оваа класа.

Двојниот трапез што е изведен во предниот браник ја соопштува мисијата на Aygo: Тој е подготвен да се упати кон секоја цел

Двобојната каросерија прерасна во заштитен знак на целата марка, па и Aygo X не отстапува. Спектарот на бои за каросеријата се раководи според боите на познатите зачини:

Кардамом соединува стил и елеганција со зрела естетика, што со нежниот зелен тон го нагласува господскиот „андерстејтмент“ – тоа е поим од британското благородништво, за во јавноста да не се прикажува раскошот што се поседува.

https://photos.app.goo.gl/tPyccwzeZoVA1bJFA

Чили е буквално лута боја што е тешко да се превиди. Нејзините топли и длабоки рефлекси произлегуваат од ситни честички со сина металик боја, што се вмешатни во црвената боја.

https://photos.app.goo.gl/o6GyhZST2eytm59q6

Ѓумбирот е модерен и комплексен тон на беж, што го нагласува авантуристичкиот дух на Aygo X

https://photos.app.goo.gl/YRCKvFMG5975UF7n9

Смреката (клека) е посебно дизајнирана боја за Aygo X. Сината боја оддава младешки дух и машкост. Фините црвеникави тонови што се вмешани во носечката боја го нагласуваат кул-карактерот на возилото.

https://photos.app.goo.gl/Q9UEm4VS8N9u39789

Овие четири бои создаваат контраст со двете нијанси на црна боја на покривот и на задниот дел.

Бојата на каросеријата се пренесува и во кабината. Тоа важи за деталите на арматурбата табла и во средишпната конзола. Дури и во материјалот на седиштата може да се препознае „X“.

Во првите шест месеци по почетокот на продажбата ќе биде достапна специјална серија Aygo X Limited, во ограничен број промероци за секоја земја. Каросеријата во кардамом боја ќе биде комбинирана со дополнителни акценти во мат портокалова боја во кабината, на седиштата и украсните лајсни на каросеријата. Тркалата од 18 инчи исто така ќе бидат украсени со детали во портокалова боја.

Toyota Aygo X е долг 3,70 метри, а шампионски мал е кругот на вртење од само 9,4 метри. Во каросеријата широка 1,74 метар сигурно нема да биде тесно, а има и доволно простор за глава. Висината на возилото е 1,51 метар. Багажникот е длабок и нуди 231 литар, што е пристојна зафатнина за класата.

Опција е безстепен менувач CVT, премиум озвучување JBL со четири звучници, сабвуфер и засилувач од 300 вати, а може да се нарача и изведба со собирлив платнен покрив, од издржлив и траен материјал.

Преку апликација MyT за телефонот и преку системот Toyota Smart Connect, може од далечина да се провери колку гориво има во резервоарот, каде се наѓа возилото и да се анализира како стилот на возење влијае врз потрошувачката.

Средишниот дисплеј во кокпитот во повисоките нивоа на опрема има пречник од 9 инчи. Не недостига и амбиентално осветлување, или можност за освежување на софтверот во возилото „Over-the-Air“, без потреба да се посетува сервисна работилница.

Aygo X ја отпочнува примената на нова генерација LED-светла во Toyota, со дневно светло и трепкачи што се состојат од по две оптички влакна. Тие се поставени во светлечки прстен што му дава препознатлива појава на возилото ноќе.

Бидејќи Toyota го вградува ценетиот пакет од системи за безбедност и асистенција во секој свој модел, така и Aygo X е првиот автомобил во А-сегментот со толку богат обем од системи во серискиот пакет. Тој се состои од предна камера со радарски систем, за препознавање пешак на патот, што првпат работи и ноќе, потоа за радарски темпомат и за систем за задржување во лента.

Моторот е 1KR-FE, познат трицилиндарец со зафатнина од 1,0 литар и моќност од 71 КС, со две брегасти вратила во глава со погон преку синџир и со алуминиумски блок, што досега се докажа на големо со издржливоста, темпераментот и штедливоста, во C1-108-Aygo, како и во претходните и во актуелната генерација на Yaris.

Хибриден погон не се спомнува, но тоа не мора да значи и дека Aygo X ќе биде исклучен од електрификацијата. Дури е можно да се случи и убаво изненадување, со електрична верзија на Aygo X. Ништо не е исклучено кога станува збор за Toyota.

Продажбата почнува во следната пролет, Тојота Авто Центар веќе го има моделот во најава на официјалната вебстраница.

>>> Yaris Cross: По малку од Yaris, малку од RAV4, многу од Toyota

Претходна објаваНовиот Kia Ceed го покажува шармот на компактите
Следна објаваGAZelle се вмешува во време кога пазарот бара комбе повеќе

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here