Повеќе од 5.000 продадени примероци за неполн месец откако стартуваше продажбата на моделот во Германија. Бројките што обично ги постигнува Golf на својот матичен пазар, сега ѝ се случуваат на Toyota Yaris Cross.
Првите вести за динамиката на продажба на најновиот модел во гамата на Toyota пристигаат од Германија, од најголемиот автомобилски пазар во Европа. Тамошниот огранок на Toyota, јавува од Келн дека Yaris Cross за само неколку недели од почетокот на продажбата надминал 5.000 продадени примероци.
Како ориентација за петте илјади примероци, Toyota во првите десет месеци од годинава продала во Германија вкупно 15.320 примероци од Yaris, потоа 11.601 примероци од Corolla и 6.578 примероци од RAV4. Новиот Yaris Cross може да избие на водечкото место во продажбата на модели по само два или три месеци од стартот.
Од тоа што се гледа, најновиот член на семејството модели на Toyota нуди поголемо растојание од подлогата и нуди седење на повисоко. Од тоа што не се гледа, а уште е поважно, Yaris Cross ја користи платформата GA-B од Yaris, има висока цврстина на каросеријата, ниско тежиште и подвозје што нуди баланс меѓу комфор и спортски возни својства.
Ценовникот за Toyota Yaris Cross во Македонија почнува од 19.590 € за модел со бензинец со 125 КС и ниво на опрема Fancy
Во Германија се нуди само изведба со хибриден погон, додека во Македонија стои на располагање и верзија во којашто 1,5-литарецот со 125 КС работи без асистенција од електромотор. Посебноста на Cross е во тоа што тој е достапен и во изведба со погон на сите тркала, со електромотор што е задолжен за погон задната оска – тоа е по пример на големиот брат, RAV4.

Еден од секои четири продадени примероци е токму во изведбата со погон на сите тркала. Yaris Cross е меѓу малкуте модели во сегментот што е достапен со погон на сите тркала. На тоа уште од стартот посочуваат и во Тојота Авто Центар: Yaris Cross е способен теренец, кој ги пренесува гените на RAV4 и располага со солидни возни својства при теренски излети.
До страницата на Тојота Авто Центар за моделот: https://www.toyota.com.mk/model/yaris-cross/
Од тоа што го соопштуваат нивните германски колеги, 50% од клиентите ги избираат повисоките нивоа на опрема, од вкупно шест што се достапни за моделот. Кој бара посебен луксуз, може да добие и кожени седишта, се испорачуваат и верзии со двобојна каросерија, со тркала од 18 инчи што се обработени на фреза, а има и електромотор за задниот поклопец или проекциски дисплеј.

Системите за асистенција одамна се стандард кај Јапонците и се водат како Toyota Safety Sense. Во арсеналот се вбројува систем за следење лента, радарски темпомат, камера за знаци, самостојно запирање при опасност од судир. Организацијата Euro NCAP во неодамнешната серија тестирања ја оцени безбедноста на Yaris Cross со пет ѕвездички.
ПРОДАЖБА ПО МОДЕЛИ НА TOYOTA ВО ГЕРМАНИЈА ДО ОКТОМВРИ ’21
| YARIS | 15,320 |
| COROLLA | 11,601 |
| AYGO | 9,078 |
| C-HR | 7,025 |
| RAV 4 | 6,578 |
| PROACE | 3,132 |
| PRIUS PLUS | 850 |
| LANDCRUISER | 589 |
| HIGHLANDER | 516 |
| SUPRA | 371 |
| MIRAI | 263 |
| CAMRY | 229 |
| PRIUS | 214 |
| HILUX | 7 |
| ОСТАНАТИ | 11 |
Паралелно со Европа стартуваше и продажбата на новиот Yaris Cross во Македонија. Моделот моментно е изложен во Ист Гејт Мол и вешто се вклопува во модерниот дух на главната македонска атракција деновиве. Во Аутомедиа уште чекаме да пристигне модел на тест. Тоа во моментов е малку потешко да се реализира, затоа што не останува возило да се регистрира за демо-намена. Сé се продава.

Во меѓувреме во Македонија се продаде и примерок од Toyota GR Yaris, со 261 КС, погон на сите тркала, модел што служи како основа за хомологација на тркачкиот болид на Toyota Gazoo Racing во светското рели.
















