Двете Kia Sorento на релито Ребел ја докажаа моќта на турбо-хибридот на марката, во осумдневниот предизвик за луѓето и за техниката во пустините во Аризона и Калифорнија. Верена Меи и Тана Вајт извозеа повеќе етапи завршувајќи меѓу првите три, а победата на 6-от брзинец им донесе и второ место во категоријата X-Cross.
Американскиот огранок на Kia го прослави двојниот успех на своите тимови на Ребел Рели. Професионалната релистка Верена Меи и совозачката Тана Вајт постојано беа зад „ауспухот“ на водечкиот тим и релито го завршија пласирајќи се на второто место. Одлично се пласираа и Алиса Реник и Сабрина Хауелс, кои лани минуваа низ авантурите на Ребел Рели, а годинава извозеа за трето место во својата категорија. Во X-Cross се натпреваруваа вкупно 10 тимови.
Шон Јун, претседател и извршен директор на Kia North America и Kia America, го коментира успехот: „Сите четири дами го претставуваат новиот слоган на Kia, ‘Movement That Inspires’ и нивните пласмани на подиимуот докажуваат дека нашите издржливи и способни СУВ може да бидат и штедливи возила за авантури.“
Двете возила Sorento, во варијантата со приклучен хибриден погон, настапуваа во категоријата X-Cross како електрични возила. Подготовката на престижниот СУВ-модел за релито е дело на LGE-CTS Motorsports од јужна Калифорнија, тим во сопственост на дами. Преработките што беа извршени на возилата ги опишавме во првата објава за Ребел Рели.
Ова несекојдневно рели во должина од 1.500 милји, односно над 2.400 километри, минуваше низ пустински и предизвикувачки терени во Невада, Аризона и Калифорнија.
















