за

Зелено светло за Bugatti Rimac

Porsche, Bugatti и Rimac отворија ново поглавје во историјата на автомобилската индустрија.

По четири месеци откако беше најавено, на 1-ви ноември стартуваше со работа заедничката компанија на француската легендарна марка Bugatti и хрватскиот електро-специјалист Rimac, како еден од највозбудливите заеднички проекти во браншата.

Седиштето на заедничката компанија Bugatti Rimac е во Света Недеља, гратче на 15-на километри од Загреб. Извршен директор е пионерот на електричните хиперавтомобили Мате Римац, основач и шеф на Rimac Automobili. Еден од највлијателните акционери во компанијата е Porsche AG. Во надзорниот одбор се назначени претседателот на управниот одбор Оливер Блуме и директорот за финансии Луц Мешке. Акциите се распоредени во сооднос 55% во сопственост на Rimac Group и 45% на Porsche AG.

Bugatti и Rimac Automobili остануваат како независни марки и производители, и соодветно ќе ги задржат своите фабрики во Загреб, односно во Молсхајм, исто како и дистрибутивните мрежи. Штефан Винкелман го отстапи местото на извршен директор на Bugatti на 31-ви октомври. Тој понатаму ќе се посвети на својата функција на претседател на Lamborghini.

Ова соединување е совршено решение за сите партнери. Заеднички е создадена моќна автомобилска компанија. Bugatti е отелотворение на фасцинација и страст, Rimac располага со голема иновациска моќ и со технолошка компетентност.

Оливер Блуме, извршен директор на Porsche

Новоназначениот извршен директор Мате Римац цени дека стартот на заедничката компанија Bugatti Rimac претставува уште еден голем чекор, само десет години по основањето на неговата стартап-компанија во гаража. „Чест ми е да раководам со новата фузија и да започнам ново поглавје за сите партнери, со недвојбен успех, револуционерно и возбудливо“, изјави Римац, кого многумина го споредуваат со Илон Маск.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Изградбата на новиот кампус во којшто ќе се наоѓа седиштето на компанијата се очекува да биде завршена во 2023 година. На површина од 200.000 метри квадратни се гради комплекс вреден 200 милиони евра, во кого што ќе работат 2.500 лица.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Sorento им донесе подиум на дамите по релито низ пустините во САД

Toyota победува и во ерата на хиперавтомобилите