Возилата на Toyota постигнаа рекорден удел во продажбата на германскиот пазар. Во септември, на јапонската марка ѝ припаднале 3,8 проценти од најголемиот пазар во Европа. Toyota последен пат имала толку висок удел во Германија пред повеќе од 10 години.
Во минатиот месец, Toyota продала 7.394 возила на најголемиот и најважен автомобилски пазар во Европа, на германскиот пазар. Тоа одговара на 3,8 проценти од вкупната септемвриска продажба на автомобили во земјата. Овој успех дополнително ја осигурува позицијата на Toyota како најпродавана јапонска марка во Германија.
Резултатите за целиот трет квартал се повеќе од задоволителни. Во периодот меѓу почетокот на јуни и крајот на август, Toyota покривала 3,3 проценти од пазарот. Тоа исто така е рекорд по повеќе од десет години. Вкупно во последното тромесечје, марката регистрирала 21.161 патнички автомобили во Германија.
Рекорд постигнаа и хибридните возила, кои во септември учествувале со 71 проценти во вкупната продажба на марката. Најпродавани модели на Toyota со хибриден погон во Германија се Corolla, C-HR, Yaris и RAV4. Пионерот на хибридниот погон веќе извесно време нуди и изведба од RAV4 со приклучен хибриден погон. Благодарение и на масивните сувбенции за овој вид на погон во Германија, RAV4 Plug-in-Hybrid е шести најпродаван модел на Toyota во Германија.
„Успехот на нашите хибридни модели е доказ дека Toyota многу рано се издвои како предводник со електрификацијата на својата понуда од модели“, објаснува Марио Келер, директор за продажба во германската Toyota. „Сега ги собираме плодовите од нашата работа, меѓу другото и поради тоа што нашите хибридни возила на единствен начин соединуваат висок удел на електрично возење со неограничена применливост во секојдневието.“
>>> Тест на Toyota Camry: Дали хибридот штеди и на отворено?

















