Во кризата со горивата, Британците купуваат електрични автомобили

На прозводителите на автомобили во моментов не им се потребни скапи рекламни кампањи за нивните најнови електрични модели во Велика Британија. Доволно е луѓето да ги прочитаат вестите. Додека пред станиците за гориво се создаваат долги колони, војска носи гориво и коњаници спокојно минуваат низ застоите, електричните автомобили стануваат посебно воочливи по улиците во Лондон. Кризата дополнително го зголеми интересот за овие автомобили.

Операција Ескалин звучи како име на следен филм во серијалот за Џејмс Бонд, но осмислена е со цел да се надмине кризата со горива во Англија. Британската војска ги снабдува со бензин и дизел првенствено станиците за гориво што се наоѓаат на југоистокот на островската земја. Таму најмногу притиска кризата со горива, што нема да се надмине уште долго време. На северот на Англија и во Шкотска, нема проблеми со снабдувањето со горива.

Откако пресушија првите станици за гориво, пред нив се создадоа долги колони. Ситуацијата дополнително ја влошуваат луѓето што купуваат во паника и натрупуваат залихи, полнејќи гориво во кантички. Нафтената криза не е предизвикана од војна на Блискиот Исток или слично. Британија има и доволно залихи од гориво. Проблемот е во тоа што недостигаат возачи на камиони, со коишто горивото ќе се транспортира од пристаништата и рафинериите до станиците за гориво.

Владата сега има волја да издаде илјадници визи за возачи на камиони од Источна Европа, но интересот засега е слаб. Премиерот Борис Џонсон го подготвува народот за криза во снабдувањето со гориво што ќе трае подолго време. Според BBC, кризата ќе потрае и по Божик.

Британците зачудувачки брзо реагираа на кризата со горивата. По само неколку денови откако се испразнија првите станици за гориво, интересот за електричните автомобили се зголемил драстично. На тоа прво укажаа онлајн-пребарувачите, а потоа дојде потврда и од продавачите на автомобили. Досега не се нарачувале толку многу електрични автомобили. Британките и Британците што сега купуваат возило, многу е веројатно дека ќе изберат електричен погон.

На водечката онлајн авто-берза Carwow било забележано зголемување на интересот за електрични автомобилиз а 56 проценти

Од авто-берзата Carwow, преку којашто се продава секој шести автомобил во земјата, очекуваат продажбата на електрични автомобили да се зголеми за 50 до 70 проценти, иако „луѓето не се решаваат да купат нов автомобил преку ноќ“. Оттаму веќе реагираа со сопствена кампања, што порачува „Don’t be fuelish“.

Кризата може да го забрза преоѓањето на Велика Британија на возила со електричен погон. Првично се планираше забраната за регистрирање нови автомобили со мотор со внатрешно согорување да стапи на важност во 2030 година, но Борис Џонсон потоа го скуси овој рок за пет години. Премиерот сака на тој начин да ја забрза „зелената индустриска револуција“. Домашните луксузни марки Jaguar, Aston Martin, Bentley и Rolls-Royce уште од претходно имаат изработено стратегија за преоѓање на електричен погон.

Премија во висина од 2.500 фунти ги поттикнува британските возачки и возачи да се решат за електричен погон

Во септември во земјата се продадоа помалку автомобили со бензински и дизел мотор од кога било досега. Во минатиот месец биле регистрирани 215.000 автомобили со сите видови погон, што е најмалку во последните 20 години.

Наспроти тоа, продажбата на електрични автомобили оди по нагорна линија. Нивната продажба забележила зголемување од 15 проценти, вкупно се продадени 33.000 електрични возила, што е рекорд.

Драстично намалената продажба произлегува и од кризата со полупроводници. Производителите на автомобили им даваат предимство на нарачките што доаѓаат од големите и богатите пазари. Покрај тоа, ограничените количини од полупроводници што им стојат на располагање, производителите на автомобили прво ги користат за вградување во електричните автомобили, затоа што во тој сегмент мора да се обезбеди силно пазарно присуство.

Ситуацијата се развива чудно. Роковите за чекање на испораката на електричен автомобил во Велика Британија моментно се покуси отколку на останатите пазари. Електричен Jaguar може да се преземе веднаш од дилерите, за Mercedes EQC се чека два месеци, а за BMW i3 само еден месец. Тоа се многу покуси рокови отколку во Германија. Затоа, пак, ако сега се нарача модел со обичен мотор, тогаш мора да се смета на рок на испорака од најмалку една година.

>>> Британија остана без гориво, нема кој да го достави

 

Претходна објаваVolvo започна со производство на уште еден електричен модел во Белгија
Следна објаваГерманците сé повеќе возат Toyota, хибридна секако

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here