Со својот маестрален настап на тркачката патека Гробник во Хрватска, нашите возачи во Twingo Cup за прв пат се искачија на подиумот во генерален пласман во конкуренција од 32 возачи од неколку земји. На Гробник викендов се возеа две трки, а на втората имаше целосна доминација на македонските возачи.
Особено драматична и возбудлива беше втората трка на која Марко Блажевски и Давид Малинковски, иако тргнаа од четвртиот ред на стартот, по 25 минути возење први ја минаа целта. Тие постојано беа меѓу најдобрите осум, се пробиваа напред и меѓусебно се поддржуваа. Таа тимска работа на крај им донесе и радост.
Марко Блажевски е првиот Македонец кој триумфираше на FIA CEZ трката на Twingo CUP, по него беше Давид Малинковски, додека трет е Унгарецот Лантос. Во текот на целата трка, Блажевски и Малинковски беа во линија со водечките, го чекаа моментот. за Блажевски во последните кругови да го презеде водството и да остане таму до крајот.
Ова беше воедно и финална трка на втората сезона на Twingo CUP, каде што трофејот за првото место му припадна на Давид Малинковски со вкупно 122 бода. Малинковски сезонава имаше четири победи на осум трки, Блажевски победи двапати, а по еднаш Мартин Костовски и Владимир Тренески.
Второто место во генерален пласман сезона му припадна на младиот Мартин Костовски со освоени вкупно 82 бода, додека пак трет е Ангелче Стојковски со освоени 80 бода.
За следната година, во третата сезона на Twingo Cup планирано е возење на патеките на Серес – Грција, Гробник – Хрватска, Словакиаринг – Словачка, Red bull Ring -Австрија, каде што македонските возачи во Twingo CUP ќе се борат за главната награда, а тоа е 100% електричен Renault Twizy.
Поддржувачи на купот се Renault, Аутомотив Груп, Шпаркасе Лизинг, ПСС и Триглав Осигурување, а за успехот има голем придонес и беспрекорната соработка со Лема Рејсинг.
Генералниот пласман на Renault Twingo Cup
| Давид Малинковски | 122 |
| Мартин Костовски | 82 |
| Ангелче Стојковски | 80 |
| Владимир Тренески | 77 |
| Зоран Миракоски | 58 |
| Марко Блажески | 58 |
| Слободан Трајковски | 38 |
| Ѓоргевиќ Милан | 30 |
| Емил Нацка | 24 |
| Ненад Костовски | 21 |
| Иван Стефановски | 11 |
















