Нема субвенции за Tesla, Toyota и Honda во САД

Се разгорува дебатата за дополнителните субвенции што САД планираат да ги воведат за електрични автомобили. Демократите предлагаат дополнителната субвенција да важи само за електричните автомобили што се произведуваат во компании во коишто работниците се организирани синдикално.

За електричните возила што се произведени во САД ќе се добива дополнителна субвенција во висина од 4.500 долари. Но, таа нема да важи за сите. Државата ќе исплаќа субвенции само за возила од компании чијшто работен персонал е здружен во синдикалната организација UAW. Оттаму нагласуваат дека „американските даночни пари треба да се плаќаат за производи што се произведени во САД“.

Дополнителната субвенција ќе важи единствено за возилата од големите американски производители General Motors (GM), Ford и Chrysler, затоа што единствено нивните работници членуваат во синдикатот UAW.

Реагира шефот на Tesla, Илон Маск, кој во својата објава на твитер наведе дека планираното поттикнување на продажбата на електричните автомобили доаѓа по диктат од лобистите на UAW и на Ford. Од друга страна, електричните автомобили на Ford се произведуваат во Мексико. Затоа Маск се прашува, како оваа субвенција „ќе им користи на американските даночни обврзници“.

Ford ќе произведува електрични автомобили во САД

Исто пристигнаа реакции од Toyota, од каде што негодуваат за плановите со коишто се ставаат во подредена положба половината од американските работници во автомобилската бранша, што не се организирани синдикално. Сличен тон доаѓа и од Honda. Двата јапонски концерни со децении имаат повеќе фабрики во САД, но нивните работници не членуваат во UAW.

Од Ford испратија соопштение до агенцијата Ројтерс, во којашто се наведува дека Ford ќе ги произведува F-150 Lightning и електричниот Transit во САД. Понатаму ќе следат и бројни други модели. Од Chrysler, којшто е дел од групацијата Stellantis, ценат дека со планираната субвенција „ќе се раздвижи пазарот, затоа што електричните возила ќе станат подостапни за поширок круг возачи во САД“.

За предлог законот ќе се расправа денес. Од буџетот за таа цел треба да се издвојат 3,5 милијарди долари.

Претходна објаваПапата Франциск се вози во Škoda Enyaq iV
Следна објаваКина ќе го скусува бројот на производители на електрични автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here