Илон Маск развива хуманоиден робот под името Tesla. Тоа го најави шефот на компанијата за време на „AI Day“, односно на денот што Tesla ѝ го посветува на вештачката интелигенција. Како функционира роботот во вистински услови, светот ќе може да се увери веќе в година.
Визионерот и мултимилијардер Илон Маск го опишува роботот: „Тој ќе се однесува природно, ќе може да се движи низ светот што е создаден за луѓето и ќе ги елиминира опасните, цикличните и здодевни работни задачи“. Покрај тоа, роботот ќе биде конструиран да не се движи многу брзо. Маск се пошегува дека „ќе може да се побегне од него“.
Според најавите од шефот, ботот на Tesla ќе биде висок 177 сантиметри и ќе тежи 57 килограми. „Тој ќе поседува еден вид дисплеј на главата, заради прикажување корисни информации, а роботот ќе биде опремен со систем за автопилотирано движење“, објаснува Маск.
Роботот на Tesla ќе биде снабден со осум камери и со комплетен компјутер, а ќе ги користи истите алати што Tesla ги користи за своите автомобили. „Најтешкото кај корисен хуманоиден робот е во тоа што тој не може да се движи низ средината, без претходно да се тренира посебно.“
За управување со роботот нема да биде потребно макотрпно пишување програмски код, туку ќе биде доволно да му се соопшти тоа што се бара од него: „Молам земи ја заврткава и со одвртувач прицврсти ја на автомобилот.“
Маск предвидува клучни промени со воведувањето на хуманоидниот робот и порачува дека физички напорната работа во иднина ќе се сведува на избор, односно работникот ќе може да избира дали сам да заврши одредена физички напорна задача или да препушти роботот да го стори тоа. Промените можат да бидат многу далекусежни и да влијаат врз целото стопанство.
Додека го претставуваше хуманоидниот робот, Маск беше критикуван за незгодите со „автопилотот“ во Tesla
Посебноста на Tesla е во тоа што компанијата ги воведува големите технички новитети уште во најраната фаза од развојот и новите системи ги нуди во продажба додека конкурентските компании ценат дека системите уште не се созреани за сериско производство. Остра критика во тој поглед се упатува за системот за автономно возење „Автопилот“, по серија незгоди во коишто автомобили на Tesla се судрија со други возила.















