за

Toyota четврти пат во низа победи на Леман

Возачкото трио во Toyota со стартен број 7, Камуи Кобајаши, Хозе Мариа Лопез и Мајк Конвеј, победи на 24 часа Леман, по долги години пех на автомобилскиот маратон.

Автомобилите се нови, ерата е нова, но победниците се старите. Toyota лани победи на последната трка во ерата на LMP1-прототипите, а сега победи и во првата година од новата ера на хиперавтомобили. Toyota постигна двојна победа, но патот до таму воопшто не беше лесен.

Три години во низа, на највисокото место на пиедесталот на 24 часа Леман се искачуваше возачкото трио на Toyota со стартен број 8. Годинава, тоа конечно му успеа и на триото со хиперавтомобилот со стартен број 7, коешто во изминатите години постојано доживуваше пех на класичниот автомобилски маратон во Ла Сарт.

Ова беше прва победа за Камуи Кобајаши, Мајк Конвеј и Хозе Мариа Лопез. Досега вкупно 147 возачи триумфирале на 24 часа Леман. Кобајаши е седумдесет и втор возач со искуство во формула 1 што се впишува во списокот на победници на маратонот. Лопез е прв Аргентинец, по Хозе Фроалан Гонзалез со Ferrari во 1954 година, што победува на Леман. Со победата на Конвеј, Велика Британија сега брои 43 победи на Леман, исто колку Франција.

Маките на тројцата возачи започнаа во 2017 година. Камуи Кобајаши ја поведе трката, погрешно процени дека еден возач што имаше излетано од патеката е судија и поради тоа непланирано се упати во бокс. Потоа откажа спојката, а со тоа завршија сите шанси за победа. Во 2018 година, триото во болидот со стартен број 7 повторно беше побрзо, но мораше четирипати да го пропушта автомобилот со стартен број 8. Во него седеше Фернандо Алонзо, суперѕвезда што ѝ носеше одличен имиџ на Toyota.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Најтешко беше да се пропушти победата во 2019 година, кога на еден час пред завршетокот, на Toyota со стартен број 7 ѝ се продупчи гума. Лани за време на трката мораше да се заменуваат издувната гранка и турбополначот.

Ниту во 2021 година не беше лесно за триото. Две продупчени гуми условија број 7 рано да се упати во бокс, а следното запирање во бокс, додека безбедносниот автомобил беше на патеката, одзеде многу време. Потоа следеше и едно излетување на Камуи Кобајаши. Среќа беше тоа што Јапонецот не се заби во гумите.

Овојпат повеќе проблеми имаше Toyota #8. Уште при дождливиот старт, Себастијан Буеми беше престигнат од возачот на Glickenhaus, Оливие Пла. Потоа имаше проблем со механиката, па со дотокот на бензин, што мораше да се реши со ресетирање во боксовите.

Alpine и Glickenhaus немаа шанси, тие беа пребавни. Во ноќта, Матје Ваксивиер излета од патеката, што тимот на Alpine го чинеше два круга заостаток.

Резултати од 24 часа Леман 2021

Прво место

#7 TOYOTA GAZOO Racing

371 кругови

 

Второ место

#8 TOYOTA GAZOO Racing

+2 круга

 

Трето место

#36 Alpine (Negrao/Lapierre/Vaxiviere)

+4 кругови

 

Четврто место

#708 Glickenhaus (Derani/Mailleux/Pla)

+4 кругови

 

Петто место

#709 Glickenhaus (Briscoe/Westbrook/Dumas)

+7 кругови

 

Шесто место

#41 WRT (Frijns/Habsburg/Milesi)

+8 кругови

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ниските цени биле причина за тесното грло со полупроводниците

Tesla најавува робот што ќе ги врши тешките задачи