за

Автосалонот ИАА во Минхен ќе биде „фестивал во градот“

Продажбата на билети за големиот германски автосалон ИАА засега оди слабо, поради отсуството на повеќе странски производители. Организаторите се оптимисти.

По долга пауза поради пандемијата, на 7-ми септември се отвора првиот голем автосалон во Германија, новиот ИАА Мобилност во Минхен. Од организацијата на салонот откриваат дека интересот не е толку голем како што се очекуваше пред пандемијата. Промет од една милијарда евра може да остане само желба.

Првиот голем автомобилски салон во Германија по почетокот на корона-кризата засега не наидува на очекуваниот интерес и продажбата на билети оди мошне слабо, но организаторите ценат дека на десетина денови пред почетокот на ИАА во Минхен ќе почне поинтензивна продажба на билети.

Канцеларката Ангела Меркел веќе се најави како гостинка на ИАА Мобилност, салон што го наследува големиот ИАА во Франкфурт, но има претрпено бројни промени во чекор со промените на целата автомобилска сцена. Таа ќе го отвори салонот во 14 часот, откако непосредно по завршувањето на последната собраниска седница пред изборите ќе отпатува со авионски лет кон баварската престолнина.

Германското здружение на производители на автомобили се реши за нов салонски концепт, откако последниот ИАА во Франфурт во 2019 година мина мошне слабо. Новитетот во концептот за ИАА Мобилност во Минхен е во тоа што посетителите не само што ќе можат да ги погледнат возилата на штандовите, туку ќе можат да направат и пробно возење. Покрај градската рута ќе може да се вози и на дел од автопатот меѓу салонот и центарот на Минхен. Изборот вклучува дури и возила со погон на водород, како и автоматизирани возила.

Фестивал во градот“

Автомобили, електрични велосипеди и скутери ќе бидат презентирани на просторот меѓу Мариенплац и Одеонплац, во самото јадро на градот. Ќе бидат поставени и концертни бини, како и штандови за храна. Според организаторите, тоа ќе биде „фестивал во градот“. Остануваат мерките за заштита, односно на просторот на салонот ќе биде задолжително носење маска, а ќе се врши и контрола на пристапот, со цел да се спречи преголем метеж.

Во делот кај изложувачите ќе биде помирно, иако има околу 1.000 компании. Гигантите Toyota, General Motors, коцнернот Stellantis со своите марки Peugeot, Citroen, Opel и Fiat не учествуваат. Мал е бројот и на изложувачи од Кина. Во две хали има простор за 50 производители на велосипеди, како и пробни патеки.

>>> E-Class на струја главна на салонскиот штанд на Mercedes во Минхен

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla најавува робот што ќе ги врши тешките задачи

Во Кина месечно се продаваат повеќе од 200.000 електрични возила