DHL Express и производителот на електрични авиони Eviation од Сиетл почнаа ново поглавје во аеронаутиката. Пионерот во брзата достава DHL ги нарача првите 12 електрични авиони Alice eCargo.
Повторно електромобилноста се поврзува со експресната мрежа на DHL, откако пред две седмици објавивме за возилата Renault Kangoo Z.E што се вклучени во служба на македонскиот огранок на компанијата. Овојпат станува збор за електрични авиони Alice eCargo, кои ќе почнат да сообраќаат за DHL во 2024 година.
Alice може да го управува еден пилот, а носивоста изнесува 1.200 килограми. Енергија за еден час летање се полни за 30 минути или помалку. Досегот изнесува 815 километри. Линиите на коишто ќе лета Alice се исти со оние на коишто денес сообраќаат авиони со клипни или млазни мотори. Поради помалиот број на подвижни делови се зголемува надежноста и се намалуваат трошоците за одржување.
















