Новиот огранок на Porsche се води под името Cellforce и ќе се занимава со производство на батерии со силициумска анода. Тие донесуваат голем напредок во најважните подрачја.
Седиштето на новата заедничка инвестиција, во којашто Porsche поседува 83,75 проценти од акциите, се наоѓа во Тибинген. Преостанатиот удел ѝ припаѓа на Customcells, со чиешто преземање Porsche си обезбеди пристап до технологијата. Овој чин воедно претставува основа за најавата за новата фабрика за батерии. Германскиот универзитетски град е во потесен избор како место за изградба на новата фабрика за батерии. Тибинген е во близина на развојниот центар Вајсах и на матичното седиште на Porsche AG во Штутгарт-Цуфенхаузен.
Од првично 13 лица, бројот на вработени во фабриката ќе се зголеми на 80 лица до 2025 година. Сојузната влада и покраината Баден Виртемберг учествуваат во проектот со 60 милиони евра. Компанијата Customcells е основана со цел да развива специфични батериски ќелии за понапредни услови на примена. Планираната фабрика ќе поседува капацитет за 100 MWh годишно, што одговара за 1.000 возила со т.н. батериски ќелии со високи перформанси.
За новите ќелии со високи перформанси се користи силициум како материјал за анодите. На тој начин се овозможува значително зголемување на енергетската густина во споредба со постоечките батерии. Тоа значи дека новите батерии можат да имаат помали димензии, односно при постоечките димензии може да се складира повеќе енергија.
Со силициумската анода се намалуваат и внатрешните отпори. Како резултат од тоа, новите батерии ќе можат да акумулираат многу поголема количина енергија при рекуперацијата. Може да се користат и уште помоќни полначи, за натамошно скусување на полнењето. Уште една предност на новата технологија е поголемата отпорност на високи температури. Се гарантираат и функционирање при пониски температури и голем број циклуси на полнење.
Партнер во развојот на ќелиите е светскиот гигант во хемиската индустрија BASF. Оттаму ќе пристига ексклузивен материјал за изработка на NCM-катодите.
















