за

Новото Volkswagen Polo стандардно со дигитални инструменти

Volkswagen ги отвора нарачките за освеженото моделско годиште на Polo. Опремата е значително збогатена и освежена, бројни ставки се стандард во „мини-голф“.

Golf е најдобар пример за промените што се случија брзо во браншата. Компактот прерасна во премиум-модел што доаѓа со врвната техологија на концернот, додека неговиот традиционален терен постепено го презема електричниот ID.3. Во исто време му се проширува сцената на Polo, кој ги нуди истите традиционални вредности на Golf, покомпактно и подостапно.

Новото Volkswagen Polo стандардно доаѓа со дигитален кокпит. Возачкиот дисплеј, што до скоро го нарекувавме „инструменти“, се втопува во целина со средишниот дисплеј што е задолжен за инфо-забавата. Целта беше освежениот модел да постави врв во својата класа, во поглед на информирањето, коминукацијата и забавните системи.

Во стандардната опрема на новото Polo, покрај дигиталните инструменти од 20,32 cm, спаѓаат мултифункциски волан, инфо-забавен систем „Composition“ со дисплеј од 15,5 cm (во нивоата „Polo“ и „Life“). Опремата понатаму вклучува блутут, Bluetooth, онлајн услуги и функции во рамките на „We Connect“ и „We Connect Plus“ (една година бесплатно во Германија). Преку телефон може да се командува со централната брава, да се повикаат податоците од патниот компјутер или да се лоцира возилото.

Новото Volkswagen Polo во Германија почнува од 16.000 евра

Нивото на опрема Polo Life подржува и App-Connect, за чисто телефонските апликации, како што се телефонирање, музика, вести, календар или говрни команди, да се интегрираат во инфо-забавниот систем.

Доколку се работи за повисокото ниво Style, дигиталниот кокпит доаѓа со пречник од 26 сантиметри (опција во Life и R-Line). Преку копче во воланот може да се избира меѓу три различни теми на прикажување, со можност за конфигурирање по желба.

Во сериската опрема на Polo Style и во Polo R-Line спаѓа и инфо-забавниот систем Ready 2 Discover. Тој го проширува обемот на We Connect Plus, со функции како Streaming & Internet, Webradio и WLAN-Hotspot. Првпат може без кабел да се поврзе App-Connect. Средишниот дисплеј тука има пречник од 20,3 сантиметри, а има и сензор за близина.

Со двата системи за навигација што се достапни со доплата доаѓа и камера, што е вградена во ветробранот за читање на сообраќајните знаци. Во поскапата варијанта Discover Pro може да се командува преку говор.

Опција е двозонска клима, којашто првпат во Polo работи со дигитални команди. Температурата и вентилаторот се местат преку лизгачки полиња, додека за останатите функции се користат дигитални сензорски површини.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mitsubishi space star

Роналдо заработува за автомобил за дваесет секунди, народот за 20 месеци

Porsche вложува во фабрика за нова генерација батерии