Тежок транспорт без дизел мотор, но со електромотор. Сериското производство на Mercedes e-Acstros започнува во второто полугодие во фабриката Верт.
Како што долго најавуваше, Mercedes ќе ја одржи светската премиера на целосно електричниот eActros кон крајот на месецов. Првиот камион со погон на струја на Mercedes од сериско производство ќе го претстави новата директорка Карин Радстром, претходно топ-менаџерка во Scania.
Корисниците го имаа главниот збор при развојот на електричниот Actros. Прототипи од камионот уште од 2018 година почанаа да се користат во реалното работно секојдневие на избрани и водечки компании во неколку различни сфери на транспортот на стока. Десетте камиони од пробната серија веќе имаат поминато повеќе од половина милион километри во тестирање кај клиентите, во јавен сообраќај. Паралелно се вршеа и строгите тестирања на Mercedes, заради обезбедување врвни стандарди што се својствени за името.
Концепт за електричен камион на Mercedes беше претставен уште во 2016 година. Само две години подоцна почна тестирањето на прототипите кај избрани клиенти. Менаџерите на камионскиот огранок на Daimler уште претходно најавија дека моќноста, досегот и перформансите на електричниот Mercedes eAcstros ќе бидат значително подобрени кај сериската верзија, наспроти прототипите. Фирмите што тестираа се во Германија, Швајцарија, Белгија и Холандија.
Возачите биле особено одушевени од постојаната расположливост на полниот вртежен момент при секоја брзина. Позитивни впечатоци секако дека оставила и тивката работа, како и пријатното, релаксирачко чувство зад воланот. При соодветен стил на возење, на надолнина, електричниот камион ја користи кинетичката енергија и ја претвора во електрична енергија, што се акумулира во батеријата.
















