Светската автоиндустрија се соочува со недостиг од чипови. Кога почна корона-кризата, производителите ја намалија продукцијата и соодветно ги намалија и нарачките од добавувачите. Во исто време порасна побарувачката за компјутери и телефони, за работа од дома, но и заради играчка забава за време на полициските часови. Автоиндустријата сега повторно бара повеќе чипови, но чипови нема.
Веќе се гледаат последиците од недостигот од чипови во целиот свет, кој со месеци ја ограничува продукцијата на автомобилската индустрија. Поради тесното грло во производството на чипови, автомобилските фабрики произвеле 3,6 милиони автомобили помалку. Проблемот сега почнува да се чувствува и во фабриките во Азија.
Според претходните предвидувања, поради недостигот од полупроводници требаше да се произведат 3,9 милиони автомобили помалку. Но, оваа бројка ќе биде надмината за многу кусо време. Досега од фабриките излегле 3,6 милиони автомобили помалку од планираното производство. Процените се менуваат брзо, затоа што пред само една недела се спомнуваа 3,2 милиони автомобили. Некои аналитичари проценија дека проблемот со чиповите ја скусил продукцијата за 4,7 милиони автомобили и камиони.
Коренот на проблемот сé повеќе се шири во Азија. Hyundai долго време важеше дека е имун на недостигот од чипови, но сега се покажа спротивното. Само во минатата недела, корејскиот концерн произвел 22.000 автомобили помалку. Во Јужна Кореја е погоден и огранокот на General Motors, кој во земјата произведува Chevrolet. Кај нив, кусокот изнесува 29.000 возила само за една недела.
Кина исто така почнува да ја чувствува кризата. SAIC скусил 65.000 возила од планираната продукција. Во неколку региони низ светот, пораснаа цените за користените автомобили, поради недостигот од нови возила. Тоа важи посебно во САД, каде што луѓето се подготвени да платат повеќе за користен автомобил, само за да дојдат до автомобил.