Во фабриката во Пун денес започна редовното сериско производство на Škoda Kushaq. Првите сопственици ќе ги добијат своите возила во јули. Škoda Kushaq е прв модел што се произведува локално во Индија, како дел од проектот Индија 2.0, во којшто чешката марка е главна за целиот концерн.
Компактниот СУВ-модел е конструиран врз платформата MQB-A0, којашто е преправена за локалниот пазар и ја носи додавката IN. Квалитетите со коишто Kushaq ќе ги освојува купувачите се впечатлив дизајн, просторна кабина, комфор, безбедност, штедливи мотори TSI и напредни инфо-забавни системи.
Во следните години, концернот ќе понуди вкупно четири модели од марките Škoda и Volkswagen, што се конструирани врз платформата MQB-A0-IN и посебно се наменети за големиот и растечки индиски пазар. Само пет проценти од вредноста на компонентите што се вградуваат во Kushaq се испорачуваат од странство, останатите 95% се од локална продукција.
Вкупната инвестиција на концернот во Индија до 2022 година ќе достигне една милијарда евра. Целта е да се зајакне позицијата на Volkswagen на овој пазар чијшто раст е од стратешка важност. Лани во Индија биле продадени околу три милиони возила, во земја со 1,3 милијарда жители. Освен за индискиот пазар, Škoda раководи и со регионите на Северна Африка и Русија, заедно со поранешните руски републики.
















