Во минатиот месец BMW продал за 10 проценти повеќе возила отколку во април 2019 година.
BMW во април продал вкупно 220.000 возила на светскиот пазар, што е за десет проценти повеќе во споредба со април 2019 година, пред да започне кризата. Продажните резултати се подобрени во сите региони ширум светот.
Априлската продажба им влева надежи на менаџерите на BMW дека успехот во првиот квартал од годината ќе продолжи и во тековниот квартал. Во периодот меѓу јануари и април, баварската марка постигна зголемување на продажбата за пет проценти во споредба со преткризната година, првенствено поради растот на азискиот пазар.
Посебно задоволство се искажува за продажбата на електричните автомобили. „На одличен пат сме, продажбата на нашите целосно електрични возила да ја удвоиме годинава, како што планиравме“, соопштуваат од Минхен. Со три електрични модели и 14 модели со приклучен хибриден погон, концернот BMW моментно има многу повеќе електрифицирани модели во понудата од конкуренцијата.
















