Корпорацијата Kia ги објави деловните резултати за првото тромесечје од годината. Во услови на неповолен девизен курс, одличниот успех на СУВ-моделите како Telluride и Seltos придонесе прометот да се зголеми за 13,8 проценти во споредба со лани.
Меѓу јануари и март, Kia продала 689.990 возила на светскиот пазар, за 6,4 проценти повеќе од истиот период во минатата година. Продажбата на корејскиот пазар се зголемила за 11,4 проценти и достигнала 130.075 возила. Големо учество во продажбата имаат новите генерации на СУВ-моделот Sorento и на миниванот Carnival.
Продажбата надвор од матичниот пазар исто така пораснала и со 559.815 примероци е за 5,3% повисока во споредба со лани. Тоа се должи првенствено на заздравувањето на клучните пазари во светот, меѓу другото и на значителниот раст на пазарот во Индија. Само СУВ-моделот Sonet во првите три месеци се продал на индискиот пазар во повеќе од 25.000 примероци, придонесувајќи за растот од 38,3 проценти на овој пазар што понатаму ќе станува сé позначаен.
Заработката се зголемила повеќе од двојно во споредба со минатата година, на 1,08 трилиони корејски вони, додека оперативната маржа достигнала 6,5 проценти.
Одличното напредување на марката се должи на подобрениот состав од модели во продажбата на светскиот пазар, меѓу другото и на успехот на СУВ-моделите Telluride, Seltos и Sorento, како и на минуванот Carnival. Моделите од „рекреативната“ понуда на Kia учествуваат со близу 60 проценти во вкупната продажба на марката, што е највисок удел во историјата и за 6,4 проценти е зголемен во споредба со првиот квартал лани.
За 2021 година, Kia цели да продаде 2,92 милиони возила во светот, за 12,1 проценти повеќе во споредба со лани. На домашниот пазар се очекуваат 535.000 продажби, додека на пазарите надвор од Кореја се предвидува продажбата да достигне 2,39 милиони возила.
















