за

Volkswagen Polo го доби стилот на Golf 8

Volkswagen Polo доживеа темелно моделско освежување. Веднаш се забележува сличноста во изгледот со Golf 8. Измените досегаат подалеку од тоа.

По четири години од премиерата на шестата генерација, Volkswagen Polo добива фејслифт. Со изгледот, но и со техниката, Polo се приближува до големиот брат Golf.

Волфсбург е многу широкоград кај новото Volkswagen Polo и во иднина стандардно ќе го опремува моделот со диодни светла и нови дневни светла уште во основното ниво. Со доплата може да се добијат матрични диодни светла, како и светлечка лента по целата ширина на предниот дел од возилото. Предниот и задниот браник се нови и внесуваат свежина во изгледот.

Купувачите ќе избираат меѓу седум различни дизајни на тркалата, од кои два се посебно корисни во поглед на аеродинамичноста. Новите задни светла се дводелни и исто така стандардно доаѓаат со диодна техника. По пример на останатите модели на Volkswagen, еден дел од задното позициско светло се претвора во стоп-светло при сопирање.

Возачот постојано ќе ја има пред себе големата новина во кокпитот. Место аналогни, отсега во Polo стандардно ќе се вградуваат дигитални инструменти. Разлика има единствено во големината. Во основните модели, дисплејот има пречник од осум, во поскапите модели димензијата расте на десет инчи.

Во кабината најмногу е работено на комфорот. Нема промени во основната форма на кокпитот. Во иднина секое Polo ќе излегува од фабрика со мултифункциски волан. Тоа е истиот волан како во основната изведба на Golf. Клима уред и електрика на ретровизорите исто така стануваат стандард во секое Polo. Доколку климата е автоматска, тогаш нема класични копчиња, затоа што се командува преку сензорско поле.

Новина во инфо-забавните системи е дисплејот од 9,2 инчи што се вградува како опција и познат е од Arteon и Tiguan. Системот од генерацијата MIB3 подржува Apple Carplay и Android Auto, а со поврзувањето може со доплата да биде и без кабел. Во основните нивоа работи систем од генерацијата MIB2. Повеќе места во кокпитот се обложени со мек полиуретан.

Поради значително сменетиот обем на стандардна опрема уште во основниот модел, Volkswagen одново ги скрои сите нивоа на опрема во гамата на Polo. Ставен е поголем нагласок на пакетите со повеќе „тематски“ ставки од опремата, кои треба да се подостапни отколку при одделно нарачување на ставките. Новина е нивото R-Line, а сменети се и имињата на нивоата, во Life и Style, место традиционалните Comfortline и Highline.

Во основа, стандардното ниво на опрема на Polo вклучува диодни предни и задни светла, мултифункциски волан, систем за предупредување при напуштање лента, средишна воздушна перница, дигитални инструменти од 8 инчи, радио Composition Media со дисплеј од 6,5 инчи и електрични и загревани ретровизори.

Volkswagen Polo со моделското освежување добива средишна воздушна перница

Како што тоа денес е дел од секое моделско освежување, Polo доби неколку нови системи за асистенција и нови ставки во безбедносната опрема. Меѓу предните седишта во случај на незгода се отвора средишна воздушна перница, за да заштити од меѓусебно удирање на телата на патниците напред. Самостојно запирање при опасност од незгода исто така се вградува во секое Polo. Радарскиот темпомат во комбинација со систем за следење лента овозможува автопилотирано возење од 2-ро ниво.

Повеќе нема дизел ниту во Volkswagen Polo

Понудата од мотори е скусена. Polo со дизел мотор повеќе не се нуди, а си заминува и 1,5-литарскиот TSI со 150 КС. Основниот модел и натаму вози со 1,0-литарец со 80 КС, по него следат 1.0 TSI со 95 и 110 КС. Во замена за 5-степениот менувач, опција е седумстепен DSG за турбо-бензинците. Интересна опција е моторот со погон на метан 1.0 TGI, кој и натаму располага со 90 КС и комбиниран е со шестстепен менувач. Топ модел останува Polo GTI со 207 КС.

Моделот се очекува да се појави во салоните на Volkswagen во септември, кога ќе бидат познати и цените.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia за три месеци продаде близу 700.000 возила

Електричен Mercedes eActros разнесува пиво во Минхен