Еуро 7 може да стави крај на дизелот веќе во 2025 година

Државите во коишто автомобилската индустрија во голем обем учествува во националната економија предупредуваат во Брисел дека наглото збогување со моторите со внатрешно согорување, поради претстојното воведување на новата норма Еуро 7, ќе предизвика затворање илјадници работни места во ЕУ.

Жешка тема за политичарите во ЕУ е следната норма за издувни гасови Еуро 7. Посебно се гласни политичарите во Германија, кои предупредуваат дека се заканува затворање на 400.000 работни места во земјата, доколку во 2025 година се воведе најавената норма Еуро 7. На тој начин предизвиканата криза ќе се прошири и во соседните држави, затоа што големите фабрики на автомобили се поврзани со испорака од многубројните добавувачи на компоненти за автомобилското производство.

Не е првпат автомобилската индустрија да предупредува за своето опстојување. Секогаш кога се воведуваат построги технички предуслови за новите генерации автомобили да може да добијат хомологација за продажба, менаџерите на авто-концерните се фаќаат за глава и паничат дека повеќе не можат да работат рентабилно.

Производителите реагираат поради тоа што новата техника бара и нови инвестиции. Тие понатаму ќе водат кон поскапување на возилата, а купувачите не секогаш се подготвени да ја платат повисоката цена. Заработката се намалува, менаџерите негодуваат.

Брисел засега не покажува посебна загриженост. Уште не е одлучено околу новата издувна норма. Од тоа што досега е излезено во јавноста, нормата Еуро 7 ќе цели најмногу кон намалување на емисијата на азотни оксиди. Новите автомобили ќе смеат да испуштаат најмногу 30 милиграми азотни оксиди на километар. Но, можно е и оваа гранична вредност да се спушти уште подолу.

Производителите со нова серија измами околу издувните гасови

Со нормата Еуро 7 ќе се означи крајот за дизел моторите во голем број автомобилски класи. Во моделите под средната класа, што значи под Passat, Superb & Co., повеќе нема да биде исплатливо да се вградува дизел мотор. Техниката за пречистување на издувните гасови, според нормата Еуро 7, ќе биде прескапа и тоа премногу ќе ја оптовари цената на возилата.

Дури и во спомнатите модели од средната класа, што се продаваат масовно, прашање е дали дизел моторот воопшто ќе биде исплатлив за вградување. Местото на моделите со дизел мотор масовно ќе се пополнува со модели со приклучен хибриден погон и со досег на струја од најмалку 100 километри.

Сосем е извесно дека дизелите заминуваат. Нивниот удел во продажбата во Западна Европа во последните три години е сведен од 50 на само 35 проценти.

Од друга страна, на производителите им станува повеќе исплатливо да вградат електричен погон, отколку да вградуваат дизели чијашто техника за пречистување на издувните гасови чини повеќе од погонот на струја.

Се најавува заострување и на нормата за мерење на емисијата на штетни материи при возење во реални услови. За добиените вредности за емисијата да бидат реални, ќе се мери со преносни уреди во возилата, место тоа да се прави во лабораториски услови. Ќе бидат земени предвид и додатоци, како багажник на покривот или носач за велосипед, но ќе се мери и при влечење приколка.

mercedes eq Германија за четири години субвенционирала 200k електромобили

Новата норма ќе ги зема предвид и останатите параметри, како висината и должината на растојанието за тестирање, но и максималниот животен век на автомобилот. Се заоструваат и условите за тестирање, а воедно се намалуваат и толеранциите на резултатите. Доколку Еуро 7 ги содржи сите овие барања, тешко ќе биде тие да се исполнат со мотор со внатрешно согорување.

Уште е неизвесно што ќе содржи новата норма Еуро 7. Преоѓањето на возила со електричен погон сепак е неминовно. За 10 до 15 години, повеќето големи производители на автомобили ќе нудат само електрични возила. Некои култни модели сепак не може да се замислат со друг погон. Porsche 911, на пример. Менаџерите на спортската марка неодамна беа мошне конкретни, при претставувањето на новиот GT3. Цуфенхаузен гледа иднина и за синтетските горива, со коишто исто така може да се постигне намалување на штетната емисија.

>>> Ласери ги мерат издувните гасови во Франкфурт

Претходна објаваVespa е марка млада 75 години: Јубилејни модели
Следна објаваMitsubishi ќе понуди два нови модели во Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here