Шефицата на концернот General Motors, Мери Бара, најави своевидна револуција. Американскиот концерн по 2035 година ќе продава само патнички автомобили што не испуштаат штетни материи. Со оваа најава престануваат и последните надежи за спас на моторите со внатрешно согорување – исто и европските надежи.
Chevrolet Corvette, Hummer, Cadillac De Ville, тоа се само неколку од автомобилите од класичен американски тип, што најверно го претставуваат концернот General Motors. Шефицата Мери Бара ќе го менува начинот на којшто светот гледа на нејзиниот концерн. Од 2035 година, GM ќе произведува само автомобили што не испуштаат штетни материи. Следниот чекор ќе биде целосна СО2-неутралност на General Motors по 2040 година.
Токму американскиот концерн за којшто сите веруваа дека последен ќе се откаже од класичните мотори, презема конкретен чекор и прв во браншата одредува краен рок за моторите со внатрешно согорување во своите автомобили. Сите поголеми автомобилски концерни, од Volkswagen до Daimler, веќе спроведуваат стратегија што јасно е ориентирана кон електричниот погон, но никој од нив не бил толку конкретен како General Motors.

Од друга страна, крајните рокови за моторите со внатрешно согорување досега беа најавувани на државно ниво. Норвешка постави краен рок за регистрирањето нови возила со бензински и дизел мотори за 2025 година, додека Франција им остава простор уште до 2040 година. Скандинавската држава сепак е исклучителен случај. Електричните возила таму веќе се продаваат повеќе од обичните автомобили.
Акциите на General Motors пораснаа за три проценти откако Мери Бара најави збогување од моторите со внатрешно согорување
Најавата на американскиот концерн ги опфаќа и добавувачите, кои исто така ќе мораат да се префрлат на развој и производство на компоненти за возила со електричен погон. General Motors воедно ја исклучува и можноста за синтетските горива да се користат во иднина во помасовен обем. Токму САД важеа како голем потенцијален пазар за синтетските горива. GM сепак остава резерва. Пикапите над 3,5 тони ќе може и по 2035 година да користат мотор со внатрешно согорување.
GM располага со солидна електрична платформа којашто ќе служи како основа за голем број идни модели со погон на струја. Наскоро пристига првата голема надеж на концернот, иако моделот отстапува од претставата за автомобил со електричен погон – GMC Hummer.
Најголемиот предизвик за најавите на General Motors е мрежата од станици за полнење. Огромното пространство на САД, во комбинација со релативно ниската густина на населеност, прават изградбата на соодветна мрежа од станици за полнење до 2035 година да биде под голем знак на прашање. Покрај тоа, струјната мрежа во големи делови е застарена. Тоа е сепак подрачјето коешто е под надлежност на политиката и на државата.
>>> General Motors има ново лого, гигантот од Детроит се префрлува на струја

















