Шведскиот производител применуваше вешта тактика во справувањето против пандемијата во првата половина од годината. Тоа на Volvo му овозможи брзо да ги врати производството и продажбата, што се покажа како клучен фактор, затоа што пазарот покажа огромен интерес за моделите со приклучен хибриден погон од семејството Recharge.
Уделот на моделите Recharge, кадешто спаѓаат и автомобилите со чисто електричен погон на Volvo, порасна двојно во споредба со преклани. Во Европа, автомобилите Recharge учествуваа со 29 проценти во продажбата. Тоа направи Volvo да прерасне во водечка марка во сегментот на возила со приклучен хибриден погон. Шведската марка беше најпродавана во овој сегмент и на пазарот во САД.
Во Кина и САД, двата најголеми пазари вос ветот, компанијата постигна зголемена продажба во годишни рамки, успевајќи во втората половина да надомести за продажбата што мируваше во почетокот од годината.
Додека продажбата беше 21% во минус во првото полугодие, компанијата во втората половина од годината го врати темпото со коешто напредуваше во сите изминати години и почна повторно да ја зголемува продажбата, почнувајќи од јуни. Со 391.751 возила, продажбата во второто полугодие порасна за 7,5% во споредба со истиот период преклани.
Глобално, Volvo Cars продаде 661.713 автомобили лани, што е намалување од 6,2 проценти во споредба со 2019 година. Иако конечните бројки уште не се потврдени, Швеѓаните сепак успеаја да гиу престигнат конкурентите и го зголемија уделот на сите главни пазари во првите 11 месеци од годината.
Продажбата во Кина порасна за 7,5%, со вкупно 166.617 автомобили. Во САД беа регистрирани 110.129 нови автомобили од Volvo или за 1,8% повеќе отколку во 2019 година. На двата пазари посебно беа барани СУВ-моделите.
Во Европа имаше голем интерес за приклучните хибриди и електричните модели на главните пазари. Продажбата за целата година сепак забележа намалвуање од 11,5 проценти, како резултат од силниот пад во првото полугодие. Пандемијата доведе и до двојно зголемување на онлајн-продажбите.
















