Автомобилите пред два века имаа голем проблем со ладењето на моторот. Освен гориво, за сто километри пат требаше да се обезбедат и десетици литри вода за ладење. Генијалниот конструктор чиешто име денес стои во Mercedes-Maybach, најде решение што се користи во истата форма до денешен ден.
За да се постигне голема моќ, меѓу другото е потребно и добро ладење. Конструкторот Вилхелм Мајбах, чиешто име денес стои на најпрестижните автомобили на Daimler, го реши проблемот со ладењето пред повеќе од 120 години. Тој го патентираше ладилникот во форма на саќе во септември 1900 година. Ладилникот се состоеше од систем од споени цевчиња, што под дејство на струењето на воздухот при возење ја ладеа течноста загреана од согорувањето во моторот. Првиот автомобил што доби ладилник е Mercedes 35 PS oд истата година.
Впечатливо дизајнираниот ладилник во следните децении беше заштитен знак на автомобилите на Mercedes, и воопшто на целиот автомобилски свет. Маската на денешните модели на Mercedes исто така влече црти од историската форма на ладилникот.
https://photos.app.goo.gl/doNoFnWBMzf8GY3k6
Откако Карл Бенц го патентираше првиот автомобил во 1886 година, првите возила уште не располагаа со затворен систем за ладење. Место тоа, водата што се загреваше од моторот испаруваше слободно. Дотурањето вода беше составен дел од возењето. Колку моторите беа посилни, толку беше потребно и почесто да се долева вода.
Легендарниот конструктор Вилхелм Мајбах (1846 до 1929) прв најде решение. Во 1897 година, инженерот на Готлиб Дајмлер го претстави цевниот ладилник. Цевчињата беа изработени од месинг, кој е легура од бакар и цинк, и располага со одлична топлинска спроводливост. Системот беше прикажан во септември 1898 година, во првиот патнички автомобил со четирицилиндарски мотор. Моторот во моделот познат како „Феникс“ извлекуваше 5,8 киловати (8 КС) од зафатнина од 2,1 литри.
Ладилникот се состоеше од мали цевки со квадратен профил, со должина на страна од 6 милиметри; Повеќе од 8.000 цевчиња беа споени со лемење
Мајбах го патентираше „саќестиот ладилник“ на 20-ти септември 1900 година. Тоа беше усовршување на цевниот ладилник. Генијалниот конструктор изработи нов вид ладилник, составен од 8.070 цевчиња со квадратен профил, со должина на страна од шест милиметри. Со квадратниот профил значително се зголеми внатрешната површина во споредба со цевките со тркалезен профил, а со тоа драстично се зголеми и ефикасноста на ладилникот. Тоа овозможи да се постигне и поголема силина на моторите.
Во споредба со „Феникс“ од 1898 година, новиот мотор во Mercedes 35 PS од 1900 година имаше двојно помала потреба од течност за ладење: Место 18 литри, на новиот мотор му беа потребни само девет литри – на секои 100 километри. Не е грешка: На моторот повеќе не му беа потребни по 2,25 литри вода за секоја коњска сила на сто километри, туку само по 0,26 литар.
https://photos.app.goo.gl/wmTb2jNQDpARHB6c9
Зад ладилникот беше поставен вентилатор, заради подобро ладење при ниска брзина. Долгогодишниот проблем со ладењето на моторите конечно доби трајно решение. До денес, ладилниците во возилата работат според истиот принцип.
Иновацијата првпат беше применета во Mercedes 35 PS, кој за тоа време е исто што Mercedes-AMG GT е денес. Тој е првиот модел со висока моќност на Daimler-Motoren-Gesellschaft (DMG). Целата констуркција на автомобилот се разликува. Силуетата е издолжена, моторот е моќен и секако располага со саќест ладилник, хаубата е ниска, меѓуоскиното растојание е долго, рачката на менувачот се води во прецизна кулиса, столбот на воланот е поставен косо, сите тркала имаат иста големина, и на крај, возилото е значително полесно.
По премиерата на Mercedes Simplex на салонот во Париз, француските конструктори масовно почнуваат да го копираат дизајнот со впечатливиот ладилник
Ладилникот на Mercedes почнува масовно да се копира. Во извештајот на германскиот магазин „Allgemeine Automobil-Zeitung“ (Број 51-52 од 1902 година) за премиерата на Mercedes-Simplex на салонот во Париз пишува: „Саќестиот ладилник, што во голем дел влијае врз линијата на автомоблот и беше апсолутна новина на последниот ‘Салон’, стана инспирација за повеќето француски конструктори.“
Формата понатаму се усовршува во вертикален ладилник со врв, кој се вградува во Mercedes-Benz 170 (W 15) во 1931 година и поставен е зад маска. Таа маска е дел од хаубата и со врвот ја следи формата на ладилникот. Хромираната маска стана заштитен белег на Mercedes. Така е впрочем до денес.
https://photos.app.goo.gl/QwgyBdYP5Aiqfu6t6
https://photos.app.goo.gl/QR5pkpbpWUtVYAzk9
https://photos.app.goo.gl/3XaVJ7oEKQ48cYSi8
https://photos.app.goo.gl/PVnoeeY6ZvPDxLrd7
















